Тинекс Пролет славеше со 23-20 на дуелот со КЛ7, реванширајќи му се на скопскиот ривал за поразот во првиот круг од Супер-лигата. Овојпат ракометарите на Пролет одиграа далеку поквалитетно во одбраната, на голот го имаа расположениот Петар Ангелов и на крајот заслужено стигнаа до бодови со кои направија уште еден чекор напред кон место во плејофот. Најзаслужен за триумфот покрај Ангелов беше десниот бек Доне Мајнов, кој постигна шест гола, сите во второто полувреме.
Од самиот старт се играше цврсто во одбраната на двете страни, па во стартните 15 минути беа постигнати само шест гола (4-2 за Пролет). Ракометарите на КЛ7 не дозволуваа нивниот отпор да биде скршен, стигнуваа до израмнување, за Жарко Пејовиќ со два гола пред крајот на полувремето да донесе минимално водство на Тинекс Пролет од 12-11, резултат со кој се замина на одмор.
Израмнета игра се водеше и во второто полувреме, за Петар Ангелов со неколку успешни интервенции да овозможи нова предност од два гола (16-14). „Диви“ одбрани уште еден пенал при водство од 18-16, но Тинекс Пролет не успеа да се одлепи на уште поубедлива предност. Искусниот голман повторно блесна при 20-18, бранејќи нов седмерец на гостите, па по двата гола на Мајнов на спротивната страна домашниот состав поведе со 21-18 на неполни четири минути до крајот. Мајнов беше клучен играч во нападот, со својот петти гол во второто полувреме донесе водство од 23-19 и стави печат на победата, на крајот изразена со конечни 23-20.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА