Лесно може да се случи европскиот првак Анадолу Ефес воопшто да не се пласира во нокаут фазата од Евролигата сезонава откако турскиот гигант претрпе нов катастрофален пораз, овојпат на домашен терен од Макаби со убедливи 64-86. Само неколку дена откако настрадаа во Белград од Црвена Звезда, избраниците на Атаман одиграа уште еден катастрофален меч, иако во однос на тој меч во Белград беа засилени со камбекот на Ларкин и на Мициќ.
Уште во првата четвртина стана јасно дека Ефес нема сили во одбраната да го запре налетот на гостите од Израел, кои со извонредно шутерско шоу постигнаа 33 поени во првата четвртина, а потоа уште 21 во вториот период, на одмор заминувајќи со убедливи 33-54. Ларкин и Мициќ беа катастрофални во нападот, шутот не го служеше нити Клајбурн, а згора на тоа во првото полувреме се повреди и Бобуа, кој во тие моменти беше најефикасен во домашниот состав. Ефес дури во последната четвртина се приближи на тринаесет поени негатива, но Макаби се разбуди во вистински момент и не само што не дозволи камбек, туку одлично го заврши мечот, на крајот тримфирајќи со конечни „плус 22“.
Болдвин беше најефикасен во победничкиот состав со вкупно 23 поени, 13 постигна Џерел (3/3 за тројка), додека Клајбурн со 12 и Брајант со 11 поени беа единствените со двоцифрен ефект кај Анадолу Ефес.
Актуелниот европски првак по овој пораз падна на десеттото место на табелата, со 13 победи и 14 порази, додека Макаби е на делба од седмото до деветтото место со Партизан и со Жалгирис, со идентичен скор 15-13.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА