Никола Јаничиќ имаше извонредна година зад себе, што кулминираше со одличниот настап на Европското Првенство – Б дивизија каде со нашата селекција успеа да обезбеди влез во елитното друштво, а за фантастичните изданија на крајот се закити со МВП признанието на овој шампионат.
Тој доби уште една голема награда за одличните игри, откако Јаничиќ и официјално доби покана за учество во деветтото издание на кампот „Кошарка без граници“ (Basketball without borders – BWB). Престижниот камп е организиран од НБА и ФИБА во рамки на програма за глобален развој со акцент на подобрување на кошаркарските вештини на младите таленти на возраст до 18 години и промоција на: лидерство, образование, спортски дух и здрав живот, како и пријателство и почит. За 2025 година, предвидено е кампот да се одржи во периодоот 14. до 16. февруари, во Сан Франциско (САД).
Никола Јаничиќ ја започна својата кошаркарска кариера на десет годишна возраст во клубот Водно Санс од Скопје. Седум години подоцна го предводеше националниот тим до 18 години до златниот медал, на Европското првенство (дивизија Б) кое летото што измина се одигра во Скопје. Тој беше прогласен и за најкорисен играч на првенството (МВП). Годината претходно (2023 година), тој беше прогласен за најдобар млад играч од страна на КФСМ на наградите за најдобрите од 2023година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА