Македонскиот дизајнер, Сатја Грабулоски, е меѓу 50 највлијателни лица на Балканот, според листата што ја направи „Блумберг Адрија“.
На листата за 2023 година, која е поделена во категориите: бизнис, финансии, наука и технологија, спорт, забава, политика и посебни достигнувања, се најдоа истакнати личности од регионот меѓу кои и најдобриот светски тенисер Новаќ Ѓоковиќ, НБА ѕвездите Никола Јокиќ и Лука Дончиќ, актерот и продуцент Драган Бјелогрлиќ… А меѓу нив и Сатја Грабулоски кој е препознатлив и во спортската јавност по дизајнот на уникатни патики и копачки за најголемите светски спортски ѕвезди.
Грабулоски, кој е основач на ‘SWithADot’, компанија која изработува ‘custom made патики’ за светските ѕвезди, е меѓу балканската елита во категоријата бизнис.

„Ми претставува вистинска чест да бидам вклучен во 50 највлијателни личности според Блумберг Адрија за 2023 година, која беше полна со предизвици и генерално, уште една година во која на светот и не му беше дојдено до уметност… Искрено се надевам дека ова признание ќе успеам да го оправдам и во годината која штотуку започна, и дека како компанија ќе им дадеме уште поголема шанса на младите македонски уметници, преку нашето студио, да го освојат светот“, вели Грабулоски.

Македонскиот уметник и ‘SWithADot’ изминатиот период беа актуелни во светски рамки со копачките за англискиот фудбалски репрезентативец и играч на Ливерпул, Трент Александер Арнолд.

Следен голем предизвик е изложбата во најновата галерија за модерна уметност “Де-Фи“ во Далас, САД, чие отворање е закажано за почетокот на март.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

