Македонската кошаркарска репрезентација ќе биде сериозно ослабена во претквалификациите за СП 2023, бидејќи новиот селектор Драган Бајиќ нема да може да смета на услугите на Војдан Стојановски и на Дамјан Стојановски. Двајцата браќа близнаци повеќе од една деценија го носат репрезентативниот дрес, по повлекувањето на најискусните од „литванската генерација“ токму Војдан и Дамјан ја презедоа улогата на лидери, но овојпат и двајцата нема да можат да помогнат на националниот тим.
Војдан Стојановски пред неколку месеци заработи тешка повреда и имаше операција на коленото, така што нема никакви шанси да биде „фит“ во месец август. Што се однесува до Дамјан, капитенот на МЗТ Скопје имаше исклучително напорна сезона, по што самиот побарал да биде изоставен од списокот на селекторот, за конечно да може да искористи едно лето за целосна рехабилитација.
„Планот е од 12 јули да се почне со подготовки на сениорската репрезентација, а претходно ќе бидат одржани тренинзи на помладите кошаркари, при што селекторот Бајиќ ќе ги следи и ќе селектира играчи кои ќе оцени дека ќе може да му помогнат на А-тимот. Досега само Дамјан Стојановски има соопштено дека летово нема да биде во можност да помогне, се надевам дека сите останати ќе се појават и ќе дадат свој придонес да се пласираме во главната квалификациска фаза“, изјави директорот во КФСМ, Тодор Гечевски за ЕКИПА.
Македонија во месец август на турнирот во Скопје ќе одигра по две средби против Словачка и Швајцарија во претквалификациите за СП 2023. Двете најдобри од овие три селекции ќе се плаираат во главната квалификациска рунда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА