Македонската репрезентација ќе биде без крилниот офанзивец Лирим Ќамили на престојните два квалификациски натпревари за пласман на Светското првенство 2026 против Белгија во Гент и против Казахстан во Скопје.
Фудбалерот на дански Сондерјиске заработи незгодна повреда на последниот натпревар за својот тим, изминатиов викенд против Копенхаген, поради која беше принуден и предвреме да го заврши дуелот во данското првенство.
По деталните лекарски прегледи денеска, и дефинитивно е утврдено дека Ќамили нема да може да биде на располагање на селекторот Благоја Милевски за престојниот квалификациски собир кој стартува во понеделник (6 октомври).
Како што е познато, пак, Милевски за првиот натпревар од овој октомвриски собир против Белгија нема да може да смета и на десниот бек Бојан Илиевски од Струга ТЛ, кој ќе мора да паузира поради жолти картони.
Македонија против Белгија игра на 10 октомври во Гент, а три дена подоцна ја очекува пресметката со Казахстан во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

