Македонија без шанси против Израел во Талин

Македонската сениорска кошаркарска репрезентација со пораз од Израел од 86-65 ги отвори претквалификациите за Летните олимписки игри во Париз 2024 година. Доминацијата на Израелците во скок играта (46-29) и поените од втора шанса (24-2) беа пресудни за исходот на денешниот меч.

По изедначеното отварање на натпреварот во кој до петтата минута се играше егал, подобриот проток на топката во нападот на Израел и добрата одбрана над нашата бековска линија донесе отворени обиди за Израелците, а тешки обиди за Македонците за „сино-бела“ предност од 19-24 по првите десет минути. Благодарение на шутот за три поени Израел успеа да стигне до двоцифрена предност во втората четвртина, а истата и да ја задрже речиси до самиот крај на полуврмето со тоа што за негатива од 38-47 се погрижи Ти-Џеј Шортс со мирната рака од линијата за слободни фралања.

Второто полувреме не донесе промена на паркетот. Израел продолжи да го контролира скокот, а со тоа и да забележи лесни поени од втора шанса. Израелците продолжија и со добрата одбрана над нашите главни кошаркари па по 30. минути игра имаа предност од 51-72. Последната четвртина беше само формалност во која селекторот Јончевски шанса им даде на доскорешните младински кошаркари.

Со 22 поени Ти-Џеј Шортс беше лидер на Македонија, а него го следеше Андреј Магдевски со 11 поени. Роман Соркин со 21 поен, 7 скокови и 5 асистенции го предводеше Израел.

Се вчитува...