Македонија го претрпе првиот пораз на одбојкарското Европско Првенство што се одржува во Скопје откако вечерва нашите репрезентативци загубија со 0-3 во сетови од Полска. Исход што е сосема очекуван ако се земе во предвид реномето на противникот кој е актуелен првак на Светската Лига на Нации и големата разлика во квалитет и искуство кога станува збор за настапите на големите натпреварувања. Македонија со двете стартни победи е речиси стопроцентно математички пласирана во следната рунда, а по денешниот пораз, погледите се вртат кон дуелите со Холандија и со Чешка закажани за вторник и среда.
Никола Ѓоргиев го освои првиот поен за Македонија, за израмнување на 1-1, по што Полска на сервис на Курек стигна до водство од 1-4. Нашите одбојкари не се предадоа, па со ас-сервисот на Љафтов намалија на 4-5, а нешто подоцна и израмнувајќи на 9-9 по блокот на капитенот Ѓоргиев. Потоа полските репрезентативци додадоа гас, поведоа со 12-9 и го принудија македонскиот селектор на тајмаут. Полска продолжи да доминира, па Миленкоски зеде уште еден тајмаут при 16-11. И по тој втор тајмаут Полска освои седум поени во низа поведувајќи со 23-11, пред конечно Илиев со блок да ја запре серијата на противникот, по што „црвено-белите“ го добија почетниот сет со 12-25.
Маџунков донесе почетно водство од 1-0 во вториот сет, а Полска прва стигна до два поени предност (7-5). Серијата продолжи, па Миленкоски зеде тајмаут при 10-5. Разликата беше спуштена на три поени по тајмаутот, а потоа по грешката на Курек намаливме и на 15-13. Нашите одбојкари добија на сигурност и самодоверба, успевајќи да намалат и на само еден поен разлика (17-16), а нешто подоцна со новиот изнуден блок-аут од Ѓоргиев и да израмнат на 19-19, по што полскиот селектор Грбиќ беше принуден да побара минута одмор. Сетот беше израмнет до 21-21, по што Полска освои четири поени во низа и поведе со 0-2 (21-25).
Полска отвори со предност од 8-5 во третиот сет, по што со два поени во серија намаливме на 8-7, подоцна и израмнивме на 9-9. Следеше серија од седум поени на Полјаците што ја запре Илиев со поен за 16-10 за противникот. Фаворитот рутински ја зголеми оваа предност се до самиот крај, славејќи со конечни 14-25, за максмиални 0-3 во сетови за Полска.
Утре е ден за одмор за нашите репрезентативци, кои следниот предизвик ќе го имаат во вторник, кога за ривал ќе ја имаат селекцијата на Холандија (17 часот, СЦ „Борис Трајковски“).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА