Македонската фудбалска репрезентација ги стартува своите активности за 2024 година со денешниот пријателски натпревар против Молдавија која со почеток од 15:30 часот ќе се одигра на стадионот „Мардан“ во Анталија.
Собирот во Анталија и двата тест дуели на турско тло се прва можност за селекторот Благоја Милевски за подготовка на новите тактички варијанти, и новиот лик на националниот тим за настапите во Лигата на нациите кои не очекуваат од септември оваа година.
Милевски пред дуелот потенцираше дека се одбрани квалитетни противници низ овие подготвителни периоди, сега со Молдавија и Црна Гора, а во јуни со Хрватска и со Чешка, како новиот подмладен состав на Македонија би го изградил вистинскиот лик, преку проба на нови тактички варијанти, за новите настапи во Лигата на нации.
„Секако дека можам да изразам задоволство од тоа што го видов овие три дена. За жал, Исник Алими, Ердон Даци и Стефан Ашковски нема да бидат дел од тимот на овие два натпревари. Останатите се подготвени да се стават во функција на тимот. За жал, имаме играчи кои воопшто немаат минутажа, но навиканите сме на тоа. Најважно ми е да се здрави и физички подготвени, останатото што го покажуваат на собир, момците без разлика на натпреварувачката форма секогаш го даваат максимумот за Македонија. И овојпат не е ништо различно, сите се подготвени да одговорат на тоа што се бара од нив. Ќе ги искористиме максимално овие дуели и тие во јуни за да пробаме нови тактички варијанти. Ќе ги пробаме некои играчи на нови позиции и ќе видиме како тоа ќе изгледа. Ќе ги искористиме натпреварите со Молдавија и Црна Гора да ги испробаме силите. Ќе дадеме минутажа на сите играчи, а ќе тестираме и нови варијанти“ – истакна Милевски пред денешниот дуел со Молдавците.
Слично е размислувањето и на капитенот на македонската репрезентација, Енис Барди…
„Мислам дека сите доаѓаме со коректна минутажа на овој собир. Гледам дека повеќето фудбалери играат доста и се редовни во своите клубови. Мислам дека натпреварувачката форма е на наша страна. Само да сме сконцентрирани, да покажаме желба и да се подготвиме за тоа што не чека од септември. Овие два натпревари ни се тест, да видиме до каде сме, за да ги поправиме грешките од некои претходни средби. Можам да кажам дека сме подготвени за секоја улога што ќе ни ја даде селекторот. Свесни сме дека по долго време се собравме пак, гледам дека соиграчите едвај чекаа да се сме заедно. На ниту еден натпревар не ни е потребна екстра мотивација. Со самиот повик за репрезентацијата мора да сме мотивирани, да бидеме подобри и да даваме што е можно подобри перформанси. Овој натпревар е со ривал кој за малку не се пласира на ЕП, може многу да ни помогне за Лигата на нациите. Анализиравме и се подготвивме за Молдавците. Повеќе нема „пријателски“ натпревари, даваме максимум на секој дуел што го играме за Македонија“ – вели Барди.
Македонската селекција, по денешниот тест со Молдавија, веќе на 25. март (понеделник) ќе го одигра и вториот пријателски дуел во Анталија, против селекцијата на Црна Гора.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА