Јуниорската репрезентација на Македонија за ракометарки до 19 години со убедлив триумф над Косово (33-16) го заврши настапот во групата Б од ЕХФ шампионатот што се одржува во Скопје. За жал, скорот од две победи, едно реми и еден пораз не беше доволен за да се обезбеди пласман во полуфиналето од овој шампионат, бидејќи со триумфот на Фарските Острови над Холандија веќе беше јасно дека избраничките на Савевски се во игра само за третото место во групата, што рутински го освоија со денешната победа над Косово.
Од самиот почеток стана јасно дека квалитетот е целосно на страната на нашите млади ракометарки, кои со цврста одбрана одлично ги затвораа приодите кон голот на Јована Трајкоска. Косово првиот гол го постигна во седмата минута преку Мулај, а Македонија лесно го наоѓаше патот до противничката мрежа, константно зголемувајќи ја предноста и на одмор заминувајќи со „плус девет“ (16-7). Второто полувреме мина во рутинска игра на избраничките Савевски, кои без многу мака ја зголемија предноста до конечните 33-16.
Андреа Седлоска беше најефикасна во македонскиот состав со осум гола, а по четири постигнаа Младеновска, Ризоска, и Јанкуловска.
Утре е слободен ден на шампионатот, а Македонија в сабота го почнува разигрувањето за пласман од петтото до осмото место, со мечот против Финска што на програмата ќе биде во 15 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА