Македонија ќе биде домаќин на Европското атлетско тимско првенство трета група. Првенството ќе се одржи на 10 и 11 август, на арената „Тодор Проески“ во Скопје.
Скопје по вторпат ќе биде домаќин на едно големо Европско првенство на патека, по Европскиот Куп на 10.000м кој беше организиран во 2014 година. Покрај Македонија, земји учесници на првенството ќе бидат Атлетската асоцијација на мали земји од Европа (Гибралтар, Сан Марино, Монако и Лихтенштајн), Албанија, Андора, Азербејџан, Ерменија, Босна и Херцеговина, Исланд, Косово, Молдавија, Црна Гора и Србија.
Главен фаворит на тимското првенство е репрезентацијата на Србија која минатата година испадна од втората група, а се очекува на шампионатот да дојдат во најсилен состав предводен од актуелната Европска шампионка во скок во далечина во сала и светска и олимписка медалистка, Ивана Шпановиќ. Покрај неа во тимот ќе бидат поранешниот европски и светски медалист на 400м со пречки, Емир Бекрич, поранешниот европски шампион во сала во фрлање ѓуле, Асмир Колашинац, како и поранешната шампионка во категорија У20 и У23 на 1500м., Амела Терзич и фрлачката на диск, Драгана Томашевич.
За љубителите на атлетиката во Македонија влезот за време на првенството е слободен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА