Македонија, домаќин на ракометно ЕП во 2022 година?!

Ракометната Федерација на Македонија искажала сериозен интерес за да биде домаќин на Европското првенство што ќе се одржи во 2022 година. Ова го потврди и раководството на ЕХФ преку официјалната веб-страница на оваа организација, вбројувајќи ја Македонија меѓу земјите што се заинтересирани да бидат домаќини на овој врвен спортски настан. РФМ во последните неколку години имаше беспрекорни организации на неколку младински европски и светски шампионати, па сега раководството на федерацијата на чело со претседателот Живко Мукаетов амбициозно тргнува и во обид да се стигне до организација на сениорско натпреварување.

Како што информира ЕХФ, „ривали“ на Македонија во оваа трка ќе бидат Литванија, потоа ко-организацијата на Русија и на Белорусија, како и две кандидатури што ги подготвуваат по три различни земји, едната на Белгија, Шпанија и Франција и другата на Чешка, Унгарија и Словачка.

РФМ исто така искажува интерес и за Европското Првенство за жени во 2022 година, за чија организација шансите се поголеми бидејќи нашата земја е единствената што досега сериозно се заинтересирала за овој настан.

Покрај за 2022, ракометната куќа на Македонија е заинтересирана и за континенталните собири за 2024 година, како уште еден доказ на големата желба нашата земја уште еднаш да биде домаќин на еден врвен ракометен собир.

ЕХФ информираше дека сите апликации мора да бидат испратени најдоцна до 1 ноември 2017 година, по што ќе следи инспекција на стартот од 2018, за во април 2018 година и официјално да бидат објавени имињата на земјите кои ќе бидат домаќини на Европските првенство за мажи и за жени во 2022 и во 2024 година.

Се вчитува...