Македонија домаќин на уште едно ЕП во кошарка во млади категории

Македонија повторно ќе биде домаќин на едно европско првенство во млади категории откако нашата земја беше избрана од ФИБА Европа за домаќин на шампионатот – Б дивизија за кошаркари до 16 години.

Станува збор за првенство на кое ќе учествуваат и нашите млади кошаркари, а кое ќе се одржи во периодот од 5 до 16 август, при што дополнително ќе биде одлучено дали тоа ќе биде само во Скопје или и во некој од другите градови во Македонија.

„Кошаркарската федерација на Македонија ја информира јавноста дека ФИБА Европа, денеска, донесе одлука Европското првенство во „Б“ Дивизија, во категорија У16-мажи, да ѝ го додели на организација на Македонската кошаркарска федерација.

Како федерација, со големо задоволство и целосна одговорност, ја прифаќаме оваа одлука на ФИБА Европа, која претставува уште една потврда за довербата во нашите организациски капацитети и искуство во реализација на меѓународни натпреварувања. Убедени сме дека нашите млади кошаркари ќе ја претставуваат државата на достоен начин и ќе дадат максимум на ова значајно меѓународно натпреварување, кое воедно ќе биде и голем празник за македонската кошарка.

Кошаркарската федерација на Македонија навремено ќе ја информира јавноста за сите дополнителни детали поврзани со организацијата и одржувањето на првенството“, објавија од македонската куќа на кошарката.

Се вчитува...