Ракометната репрезентација на Македонија на убедлив начин со триумф од 38-24 на домашен терен против Луксембург ги отвори квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година во Германија.
Избраниците на Кирил Лазаров на одличен начин го стартуваа мечот и посамо три минути игра веќе имаа предност од 3-0. Луксембуржаните својот прв погодок (3-1) го постигнаа во 4. минута по грешката на нашиот голман Никола Митревски.
Во следните неколку минути се играше гол за гол, а по 10 минути игра Македонија се уште имаше позитива од плус три (6-3). Во 13. минута со голот на Игор Ѓоргиев, Македонија за првпат во мечот стигна до плус четири (8-4). „Црвено-жолтите“ продолжија со одличната игра, посебно во фазата на одбрана па по 15. минути игра поведоа и со плус пет (9-4), по кои селекторот на гостинскиот тим, Никола Малешевиќ мораше да го побара првиот тајм-аут. Во игра влезе и Филип Кузмановски кој беше поштеден на стартот па со неговиот прв гол веќе беше и 10-4, а во 17. минута Македонија стигна и до седум голови предност (11-4) со погодокот на крилото Цветан Кузмановски.
Продолживме да ги „мелеме“ Луксембуржаните, а во 21. минута за првпат стигнавме и до двоцифрена позитива (14-4). Во 23. минута веќе беше и плус 12 (16-4), а Луксембург по скоро 15 минута пост конечно успеа во 24. да постигне гол и да намали на 16-5. Следеше уште еден погодок на гостите, па на четири минути до крајот на првиот дел селекторот Лазаров го побара својот прв тајм-аут. До крајот на првото полувреме Македонија постигнавме уште два гола кои не доведоа до позитива од плус 11 (18-7).
Првите десет минути од вториот дел поминаа во егал игра на двете страни откако ние малку го намаливме темпото, па при резултат 25-13 во 39. минута селекторот на Луксембург, Малешевиќ се одлучи да го повика и својот втор тајм-аут во натпреварот. Во 44. минута со голот на Павле Атанасијевиќ за првпат стигнавме и до најголемите плус 13 (28-15). Продолживме со одличната игра, а на 12. минути до крајот на натпреварот стигнавме и до плус 14 со голот на Стојковиќ. Во последната минута со третиот гол на Стојковиќ зголемивме и на плус 15 (38-23), а во последниот напад Луксембург постигна гол за конечни (38-24).
Тројца наши ракометари го завршија натпреварот со по пет гола (Филип и Цветан Кузмановски и Мартин Серафимов), додека кај Луксембуржаните по четири постигнаа Вејер, Хофман и Вердел.
Во второто коло избраниците на Кирил Лазаров во недела ќе и гостуваат на Турција во Ван, а натпреварот е со почеток во 16 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА