Македонија е единствена земја во Европа која во 2. квалификациско коло на клупските натпреварувања ќе има само еден тим

Македонија имаше три свои претставници ова лето во европските клупски натпреварувања, а по само првото одиграно коло веќе е само со еден клуб кој ги продолжува европските натпревари.

Шкендија и Тиквеш ги завршија настапите во Конференциската лига на УЕФА по елиминацијата во првото квалификациско коло, а останува сега само Струга ТЛ во втората квалификациска рунда од Конференциската лига, откако, пак, беше елиминирана на стартот од квалификациите за Лигата на шампионите од Слован Братислава.

Македонија, на тој начин, е со неславен рекорд како единствена земја во Европа која во второто квалификациско коло во трите европски клупски натпреварувања ќе има само еден клуб. А, интересно, Македонија е само една од пет земји во Европа кои загубија по два клуба во првото квалификациско коло. Покрај Македонија, по два клуба елиминирани имаат и Албанија, Северна Ирска, Велс и Белорусија.

Од земјите од регионот, сите тимови од Црна Гора се уште се активни на европската сцена, продолжувајќи со натпреварите во второто квалификациско коло.

Струга ТЛ, во 2. квалификациско коло за Конференциската лига на УЕФА ќе игра против ерменски Пјуник. Првиот натпревар се игра на 24. јули во Охрид, а реваншот е на 30. јули во Ереван.

Се вчитува...