Македонија е третопласирана во групата Б од светскиот шампионат откако нашиот национален тим вечерва одигра 27-27 против селекцијата на Исланд, за освојување на посакуваното трето место кое значи и избегнување на Франција како ривал во осминафиналето. „Црвено0-жолтите“ и покрај честите грешки во нападот во првите 40 минути во кои противникот постигна дури 13 лесни голови, на крајот успеаја да стигнат до реми. Посилни бевме и од повредите, во текот на второто полувреме останавме без Миркуловски и Манасков, но и покрај се успеавме да се вратиме од „минус пет“ до реми кое води кон Албервил на Норвешка, наместо кон Лил на Франција.
Кирил Колев се врати на голот откако Трајковски беше стартер со Шпанија, во нападот поторно почнавме со Дрогришки на лев бек, а Никола и Велко Маркоски повторно уште еднаш беа тандем во дефанзива откако одлично функционираа на вчерашниот натпревар.
Колев одлично го почна натпреварот, бранејќи два шута на Исланѓаните. Беспрекорно ни функционираше и нападот, па по четири минути игра веќе имавме водство од 3-0, преку Манасков, Кире Лазаров и Дрогришки. Македонскиот голман му одбрани зицер и на Сигурдсон, но судиите од Аргентина досудија пенал за Исланд, воедно и исклучување за Миркуловски.
Филип Лазаров влезе во игра на местото на Миркуловски, преку Стоилов зголемивме на 4-0, но потоа неколкуте грешки во нападот им овозможи на Исланѓаните за само две минути да стигнат до 4-4 (три од четирите гола ги постигнаа во празна мрежа). Во меѓувреме Исланд направи целосен пресврт, по што Червар реши да почнеме да напаѓаме „шест на шест“, уфрлајќи го Талески на лев бек. Тоа не вроди со плод, Исланд поведе со 6-9, па Червар беше принуден да побара тајмаут.
Пешевски влезе во игра во нападот, а во одбрана влезе Нелоски, во формација 5-1 со Талески како најистурен. Нападот повторно ни стана сигурен, реализиравме четири напади по ред (10-11), по што исландскиот селектор Свеирсон зеде тајмаут во обид да ја консолидира својата одбрана. Талески делуваше индиспонирано, па по негова наивно загубена топка Исланд погоди во празна мрежа за 11-13. При 12-13, а потоа и при 13-14 имавме напади за израмнување, но резервниот голман Едвардсон влезе во ритам, па со голот на Карасон противникот замина на одмор со 13-15.
И во второто полувреме продолживме со технички грешки, па Исланд набрзина поведе со 19-15. Во 37. Минута по погрешното додавање на Талески до Манасков (12. Техничка грешка на Македонија) противникот дојде и до најубедливи „плус пет“. Проблемите се зголемија во 40. Минута откако Миркуловски одлично почна една акција што Георгиевски ја круниса со гол за 18-21, но одличнит бек притоа заработи и повреда на мускулот, по што од страна на Марко Нелоски беше на раце изнесен од теренот. Се приближивме до 21-24, а потоа судиите од Аргентина не досудија очигледен прекршок врз Кире Лазаров, за веднаш потоа да му покажат и исклучување од две минути на нашиот капитен. Во следниот напад исклучен беше и Георгиевски.
И со двајца играчи помалку дадовме гол од бек преку Манасков, левото крило на седум минути до крајот погоди уште еднаш, овојпат за 24-25, но за малерот да е поголем се повреди и членот на Некар Левен, па на негово место мораше да влезе Гоце Ојлевски. Со цврста одбрана се вративме во натпреварот, па со голот на Георгиевски израмнивме на 25-25 на четири минути до крајот. Никола Маркоски одлично изнуди пробивање, за Кире Лазаров по долго време да донесе водство на Македонија од 26-25. Исланд погоди преку Елисон, Талески возврати со прекрасен погодок, но противникот пак погоди, за во последната минута да се влезе со израмнети 27-27.
Судиите од Аргентина досудија загубена топка од Кире Лазаров, но Колев беше херојот на овој натпревар, бранејќи го последниот шут на Рунар Карасон и пласман на Македонија на третото место, кое носи осминафинална пресметка во Албервил против селекцијата на Норвешка, закажана за 21 јануари.
Кире Лазаров постигна седум гола, Георгиевски беше стрелец на шест, Дејан Манасков постигна пет погодоци, додека Колев беше извонреден на голот со 13 успешни интервенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА