Македонската фудбалска репрезентација ги дозна противниците во квалификациите за пласман на Светското првенство 2026 кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
Ждрепката во Цирих сакаше Македонија да се најде во Групата Ј, заедно со селекциите на Белгија, Велс, за првпат во едни квалификации и со Казахстан, како и со, за нас, добро познатиот Лихтенштајн.
Поволна ждрепка за македонската селекција која и преку регуларните квалификациите ќе го бара својот пат за Мундијалот 2026, иако отворен е патот и преку обезбедување бараж по освоеното прво место во Ц-сегментот од Лигата на нациите.
Согласно квалификацискиот систем на УЕФА за европскиот континент, за место на СП 2026 ќе се борат вкупно 54 селекции поделени во 12 групи, од кои победниците ќе се пласираат директно на СП 2026 а преку плеј-офот ќе се одредат уште четири учесници од Европа. Во баражот ќе има место за 12-те второпласирани во квалификациските групи и плус четири репрезентации од 14-те што го освоија првото место во групите од Лигата на нациите а кои не завршиле на првите две позиции во регуларните квалификации. Меѓу нив и Македонија со огромни шанси да се најде во баражот за пласман на СП 2026.
Македонија, очекувано со оглед на тоа што нема да игра плеј-оф во Лигата на нации по директно обезбеденото место во Б-сегментот, се најде во група со пет репрезентации, притоа со две селекции во групата послаборангирани од себе, од пониските шешири. Квалификациските натпревари за Македонија на патот за СП 2026 ќе стартуваат во март следната година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА