Македонската репрезентација денеска од 12 часот преку ждрепката во седиштето на ФИФА во Цирих ќе ги дознае своите противници во квалификациите за пласман на Светското првенство 2026 кое ќе се одржи во САД, Канада и во Мексико.
Во Цирих ќе присуствува селекторот Благоја Милевски заедно со се уште актуелниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, на ждрепката која Македонија, првпат во својата историја, ќе ја очекува од третиот квалитативен шешир.
Македонската селекција ќе биде извлекувана од третиот шешир во кој се уште и селекциите на Шкотска, Словенија, Република Ирска, Албанија, Грузија, Финска, Исланд, Северна Ирска, БиХ, Црна Гора и Израел, кои не може да бидат противници на националниот тим.
Согласно квалификацискиот систем на УЕФА за европскиот континент, за место на СП 2026 ќе се борат вкупно 54 селекции поделени во 12 групи, од кои победниците ќе се пласираат директно на СП 2026 а преку плеј-офот ќе се одредат уште четири учесници од Европа. Во баражот ќе има место за 12-те второпласирани во квалификациските групи и плус четири репрезентации од 14-те што го освоија првото место во групите од Лигата на нациите а кои не завршиле на првите две позиции во регуларните квалификации. Меѓу нив и Македонија со огромни шанси да се најде во баражот за пласман на СП 2026.
Пред ждрепката на 13 декември познато е дека Македонија ќе се најде во група со пет репрезентации, притоа со две селекции во групата послаборангирани од себе, од пониските шешири. Квалификациските натпревари за Македонија на патот за СП 2026 ќе стартуваат во март следната година.
ШЕШИРИТЕ ЗА ЖДРЕПКАТА ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2026
ШЕШИР 1: Шпанија, Португалија, Германија, Франција, Италија, Холандија, Данска, Хрватска, Англија, Белгија, Швајцарија, Австрија
ШЕШИР 2: Украина, Турција, Шведска, Велс, Унгарија, Србија, Полска, Грција, Романија, Словачка, Чешка, Норвешка
ШЕШИР 3: Шкотска, Словенија, Р. Ирска, Албанија, МАКЕДОНИЈА, Грузија, Финска, Исланд, С. Ирска, БиХ, Црна Гора, Израел
ШЕШИР 4: Бугарија, Луксембург, Белорусија, Косово, Ерменија, Казахстан, Азербејџан, Естонија, Кипар, Фарски Острови, Летонија, Литванија
ШЕШИР 5: Молдавија, Малта, Андора, Гибралтар, Лихтенштајн, Сан Марино
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА