Македонија ги има најуспешните две репрезентативни години во историјата: Милевски и момците, со соборени бројни рекорди, итаат кон СП 2026!

Македонската фудбалска репрезентација, како никогаш досега во својата историја, резултатски погледнато го минува најдобриот двегодишен натпреварувачки период во кој се испишани сите апсолутни рекорди на репрезентативниот фудбал. Со последната победа против Лихтенштајн од 5-0 во квалификациите за СП 2026, Македонија заокружи точно две години од новокреираниот национален тим под палката на Благоја Милевски кој, веќе и дефинитивно јасно, испиша и пишува нова страница на црвено-жолтите бои.

Својата пресвртница македонската репрезентација ја имаше после убедливиот пораз од Англија на „Олд Трафорд“, по кој беше креиран мозаикот на новиот национален тим, кој изминативе години, без сомнение, е најдобриот домашен спортски колектив. Од септември 2023 година, Македонија има вкупно 15 одиграни официјални натпревари на кои се запишани 9 победи, пет ремија и само еден пораз, оној од Италија во Рим во ноември 2023 година. Меѓутоа, од тогаш, македонската репрезентација цели 22 месеци, под водство на Благоја Милевски, не знае за пораз на официјалните натпревари под капата на УЕФА!

„Би бил најголема кукавица ако сега, во еден ваков момент, се повлечам од репрезентацијата. Напротив, сега пред националниот тим е најголемиот предизвик со кој може да се соочи. По ова во Манчестер отвораме нова страница со сериозен рез во репрезентацијата, кој е единствено во интерес на тимот, а не на поединецот. Затоа што секој тука е минлив, само Македонија и националниот тим се вечни“ – ќе рече тогаш Милевски после натпреварот со Англија.

И, токму по „Олд Трафорд“, следат најуспешните денови на репрезентативниот фудбал во историјата. Македонските репрезентативци го соборија рекордот на најдолга серија без пораз на официјални квалификациски натпревари која се уште трае и по септемврискиот циклус за пласман на СП 2026. Македонија сега има низа од цели 12 едноподруго натпревари без пораз на официјални дуели под капата на УЕФА (осум победи и тоа со: Ерменија (2), Летонија (2), Лихтенштајн (2), Фарски острови и Казахстан, и четири ремија со Англија (1-1), Фарски острови (1-1), Велс (1-1) и Белгија (1-1)). Последниот пораз на македонската репрезентација беше на 17 ноември 2023 година од Италија на гостувањето во Рим.

„Јасно е дека сме горди на една таква серија, меѓутоа никогаш не сум се оптоварувал со статистиките. Најважно ни е да ја градиме репрезентацијата онака како што заслужува и онака како што доликува за еден национален тим. Да поставиме стандарди кога е во прашање А-репрезентација на една земја, размислувајќи единствено да бидеме најдобри што се може на секој следен натпревар. И момците тоа го покажаа во овои изминати две години“ – вели сега Милевски во освртот за ЕКИПА, на периодот од цели 22 месеци без пораз како предводник на националниот тим.

Македонија мина низ перфектна Лига на нации, со пет победи и едно реми, и веќе 99% обезбеден бараж за пласман на Светското првенство 2026…

„Да. А, пред почетокот на Лигата на нациите имаше одредени критики против нас во оној период на подготвителни натпревари кога загубивме три од четири пријателски натпревари. Но, тогаш свесно се насочивме кон силни тестови со две репрезентации учеснички на Европското првенство 2024, Хрватска и Чешка. Знаев дека е исправен потег да играме тестови со силни противници како Црна Гора, Хрватска и Чешка, затоа што во подготовката на тимот мојата визија е насочена малку подалеку кон иднината на националниот тим, а не исклучиво на моменталниот резултат на еден таков тест дуел. И затоа секогаш нагласувам дека сум задоволен и од тие контролни натпревари, без разлика на резултатот, затоа што најважен е начинот на кој фудбалерите одговараат на зададените задачи и се однесуваат на терен. А, токму сработеното преку тие подготвителни натпревари се гледа на официјалните мечеви каде, јасно, секогаш одиме на позитивен резултат без разлика против кого играме“ – вели Милевски и дополнува:

„Јас секогаш ќе бидам горд на овие момци, сите до еден кои овие две години се дел од репрезентацијата. Секој од нив многу добро знае дека и тоа како го заслужува местото во најдобриот македонски тим. А, да бидеме реални, токму во овој период, кога се постигнати и сите рекордни резултати на македонската репрезентација во историјата, можеби ги имавме најтешките 12 месеци од аспект на минутажа на репрезентативците во своите клубови и однос на клубовите кон нив. Но, спротивно на сето тоа што им се случуваше во клубовите покажаа извонреден карактер во националниот дрес и стигнаа до едни вакви резултати. Затоа и резултатите во актуелниот квалификациски циклус за пласман на СП 2026 во кој сме на првото место во групата по пет одиграни кола, се такви какви што се“.

Македонија, за првпат во својата историја, во последните три натпревари од еден квалификациски циклус влегува со максимални шанси за освојување и на првото место во групата. Репрезентацијата, на крајот од квалификациите за Мундијалот 2026 ја очекуваат уште дуелите со Белгија, Казахстан и Велс во обидот да дојде и до најголемиот успех во својата историја.

„Ние сме свесни за сето тоа, и многу добро знаеме дека нема што да загубиме во последните три натпревари од квалификациите. Баражот за СП 2026 веќе во 99% е обезбеден, па јасно е дека, како и досега, на терен силно ќе атакуваме на максимално надигрување и со Белгија и со Велс во битката за првото место. Впрочем, ние со победнички менталитет пристапуваме и на секој натпревар откако сум јас селектор. Тоа е нашата интенција, и веројатно токму преку тој пристап ги зголемивме очекувањата од сите љубители на фудбалот во Македонија. Но, ако натерате некого да имa одредени високи очекувања од вас, значи работите добро, работите квалитетно и сте покажале квалитет поради кој некој верува во високи дострели. Посебно, во последните две години момците покажаа дека имаат квалитет и со право очекувањата на јавноста растат“ – вели Милевски.

БОБИ МИЛЕВСКИ ДОПОЛНИТЕЛНО СЕ ЗАЦВРСТИ НА ВРВОТ НА ЛИСТАТА КАКО НАЈУСПЕШЕН МАКЕДОНСКИ СЕЛЕКТОР ВО ИСТОРИЈАТА

Со септемврискиот дуел против Лихтенштајн, пак, македонскиот селектор Благоја Милевски, дополнително се издвои на врвот од табелата, согласно резултатскиот ефект, како најуспешен македонски селектор во 32-годишното независно постоење на националниот тим!

Човекот кој прв одведе една македонска репрезентација на Европско првенство, со учеството на младата репрезентација на ЕП 2017 во Полска, човекот кој потоа и со сениорската селекција стигна до финалето од баражот за пласман на Светското првенство 2022, првпат во нашата фудбалска историја, човекот кој не однесе првпат во историјата и во Б-дивизијата од Лигата на нации, сега е со серија нови рекорди зад своето име кои го издвојуваат на чело на листата, согласно резултатскиот ефект, меѓу 14 досегашни македонски селектори.

Милевски, погледнувајќи го резултатскиот ефект на официјалните квалификациски дуели во рамките на натпреварувањата на УЕФА, по победата над Лихтенштајн, сега е со процентуална успешност од 60,3%, или од 34 официјални натпревари на кои ја водел Македонија завршил со 16 победи, 9 ремија и 9 порази. Зад него на листата е неговиот претходник Игор Ангеловски со 53,75% успешност, а потоа следи Ѓоко Хаџиевски со 46,67% успешност.

СОБОРЕНИТЕ РЕКОРДИ НА НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ ИЗМИНАТИВЕ ДВЕ ГОДИНИ ПОД ВОДСТВО НА БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ

  • Шест натпревари со победа во низа и без примен гол, што е убедливо најдолга низа во историјата!
  • Македонија ја има најдолгата низа без пораз на официјални натпревари – 12 средби едноподруго без пораз (осум победи и четири ремија).
  • Рекорд на најдолга македонска серија без пораз на официјални квалификациски натпревари. Македонија сега има низа од 12 едноподруго натпревари без пораз (осум победи и четири ремија) во официјален натпреварувачки систем на ФИФА и УЕФА.
  • Голманот Столе Димитриевски го држи и апсолутниот рекорд на несовладливост во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал, со 711 минута со незатресена мрежа.
  • Македонија, без пораз со феномененален учинок во групата, за првпат во историјата се избори за место во Б-дивизијата (втор по квалитет сегмент во Европа) од Лигата на нации!
  • Македонија, за првпат во историјата вторпат едноподруго е речиси со сигурно обезбеден бараж за пласман на Светско првенство.
  • Селекторот Боби Милевски по цели 30 години го собори и рекордот на Андон Дончевски на најдолга победничка серија на македонската репрезентација. Милевски го држи и тој рекорд од македонските селектор, со шест едноподруго победи по ред, и тоа првпат во историјата без примен гол, соборувајќи го дотогашниот рекорд на Дончевски кој на самите почетоци имаше четири едноподруго победи со националниот тим, но и сите четири на пријателски натпревари.
  • Со последната победа над Лихтенштајн, Македонија дојде до убедливо најголем број победи во својата историја против една репрезентација, вкупно 12 од меѓусебните дуели со Лихтенштајн.

Се вчитува...