Македонија во 2025 година го доби својот 15-ти фудбалски селектор во независната своја историја, во името на актуелниот тренер на Вардар и поранешен истакнат репрезнтативец, Гоце Седлоски.
По, Андон Дончевски, Ѓоко Хаџиевски, Драган Канатларовски, Ѓоре Јовановски, Никола Илиевски – Џиџи, Слободан Сантрач (Србија), Среќко Катанец (Словенија), Мирсад Јонуз, Џон Тошак (Велс), Чедомир Јаневски, Бошко Ѓуровски, Љубинко Друловиќ (Србија), Игор Ангеловски и Благоја Милевски, македонската А-репрезентација сега го доби 11-от домашен селектор.
Седлоски, всушност, претходно во еден наврат беше и вршител на должноста селектор на пријателскиот натпревар со Литванија во 2012 година кога славевме со 1-0 со голот на Горан Пандев, но првпат сега со официјален договор од ФФМ. Македонија има, покрај Седлоски, плус уште двајца в.д селектори во историјата, Бобан Бабунски и Зоран Стратев кои ја воделе селекцијата на по два официјални квалификациски натпревари.
51-годишниот Седлоски националниот тим го преземе во момент на огромен предизвик пред бараж пресметката со Данска за пласман на Светското првенство 2026, но и сериозен предизвик да се достигнат и надминат сите оние рекордни постигнувања на А-репрезентацијата изминативе две години под водство на Благоја Милевски.
Погледнувајќи ги бројките, согласно статистичките показатели, Милевски ја остава репрезентација како нејзин најуспешен селектор во историјата. Човекот кој прв одведе една македонска репрезентација на Европско првенство, со учеството на младата репрезентација на ЕП 2017 во Полска притоа и со девет едноподруго натпревари без пораз со надежите, човекот кој потоа и со сениорската селекција стигна до финалето од баражот за пласман на Светското првенство 2022, првпат во нашата фудбалска историја, човекот кој не однесе првпат во историјата и во Б-дивизијата од Лигата на нации, а остави и серија нови рекорди зад своето име со 14 едноподруго квалификациски натпревари без пораз, или две години несовладливост, е на врвот на листата меѓу досегашните селектори согласно процентуалната успешност.
Милевски, погледнувајќи го резултатскиот ефект на официјалните квалификациски дуели во рамките на натпреварувањата на УЕФА, заврши со процентуална успешност од 58,11%, или од 37 официјални натпревари на кои ја водел Македонија завршил со 16 победи, 11 ремија и 10 порази. Зад него на листата е неговиот претходник Игор Ангеловски со 53,75% успешност, а потоа следи Ѓоко Хаџиевски со 46,67% успешност. Од вкупно 14 селектори, во Топ 7 се уште и Слободан Сантрач, Џон Тошак, Среќко Катанец и Никола Илиевски – Џиџи.

Иако, интересно е со каква леснотија Македонија во минатото менувала селектори, па поголемиот дел од нив имаат водено едвај максимум до 7-8 квалификациски натпревари, како Канатларовски (8 официјални натпревари), Јовановски (4), Илиевски (6), Сантрач (5), Јонуз (6), Тошак (4), Јаневски (9), Ѓуровски (5), Друловиќ (5)… Единствени со двоцифрен број официјални квалификациски натпревари се Дончевски (10), Хаџиевски (15), Катанец (16), Ангеловски (40) и Милевски (37).
За Милевски ќе останат, од неговото селекторување, единствено двете „седумки“ од Англија и од Велс. Интересно, ако се исклучат тие два крајно неочекувано високи порази, Милевски на 35 официјални квалификациски натпревари, би бил со гол разлика од 54-34. И токму, оној период од „Олд Трафорд“ во јуни 2023 година до Кардиф – ноември 2025, се најуспешните две години во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал, кога националниот тим ја постигна најдолгата рекордна низа во историјата од 14 натпревари без пораз на официјални дуели под капата на УЕФА (осум победи и тоа со: Ерменија (2), Летонија (2), Лихтенштајн (2), Фарски острови и Казахстан, и шест ремија со Англија (1-1), Фарски острови (1-1), Велс (1-1), Казахстан (1-1) и Белгија (0-0) и (1-1)).
За Гоце Седлоски периодот на селекторување доаѓа како предизвик токму да се надминат и двајцата претходни а најуспешни селектори во историјата, од ноември 2015 до ноември 2025, Игор Ангеловски и Благоја Милевски. Под нивно водство Македонија ги достигна и најголемите свои постигнувања во историјата – пласманот на ЕП 2020, финале од бараж за СП 2022 и првиот пласман во Б-дивизијата од Лигата на нации.
СИТЕ СОБОРЕНИ РЕКОРДИ НА НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ ИЗМИНАТИВЕ ДВЕ ГОДИНИ
- Шест натпревари со победа во низа и без примен гол, што е убедливо најдолга низа во историјата!
- Рекорд на најдолга македонска серија без пораз на официјални квалификациски натпревари. Македонија со низа од 14 едноподруго натпревари без пораз (осум победи и шест ремија) во официјален натпреварувачки систем на ФИФА и УЕФА.
- Голманот Столе Димитриевски го собори и апсолутниот рекорд на несовладливост во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал, со 711 минута со незатресена мрежа.
- Македонија, без пораз во групата со пет победи и едно реми, за првпат во историјата се избори за место во Б-дивизијата (втор по квалитет сегмент во Европа) од Лигата на нации!
- Македонија, за првпат во историјата вторпат едноподруго обезбеди бараж за пласман на Светско првенство.
- Македонија изминативе две години, во Лигата на нации и во квалификациите за СП 2026 го собори и рекордот на најдолга низа на постигнат барем по еден гол на натпревар. На 13 едноподруго натпревари, од ноември 2023 до дуелот со Белгија во Гент, македонската селекција постигнуваше барем по еден гол на секој меч!
- Селекторот Боби Милевски по цели 30 години го собори и рекордот на Андон Дончевски на најдолга победничка серија на македонската репрезентација. Милевски го држи и тој рекорд од македонските селектор, со шест едноподруго победи по ред, и тоа првпат во историјата без примен гол, соборувајќи го дотогашниот рекорд на Дончевски кој на самите почетоци имаше четири едноподруго победи со националниот тим, но и сите четири на пријателски натпревари.
- Со победите над Лихтенштајн во изминатиов квалификациски циклус, Македонија дојде до убедливо најголем број победи во својата историја против една репрезентација, вкупно 12 од меѓусебните дуели со Лихтенштајн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

