Шокантниот пораз на Италија од Македонија во квалификациите за СП 2022 ги промени плановите на Џорџо Кјелини, кој предвреме ќе ја заврши својата кариера.
Кјелини потпиша нов договор со Јувентус и планираше да игра уште една сезона, се со цел максимално подготвен да го дочека СП во Катар на крајот од годинава. Сепак, откако „аѕурите“ беа елиминирани од македонската репрезентација, искусниот дефанзивец веќе воопшто не е заинтересиран за играње фудбал по крајот на сезонава.
„Кјелини летово ќе се пензионира, тука нема никакви дилеми. Тој сакаше да игра уште една година, да заврши со настап за Италија во Катар, а потоа да ја доврши сезоната со Јуве, но сега нема мотив зошто би играл по јуни“, тврдат блиски извори до фудбалерот.
Тој веќе ги контактирал челниците на Јувентус, кои се согласни предвреме да му го раскинат договорот, а останува да се види дали Кјелини ќе остане дел од „старата дама“, како член на управата на „црно-белите“ од Торино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА