Македонија го претстави олимпискиот тим за ЕМОФ 2025 во Скопје: Рекорден број спортисти и спортови, Македонија со 181 спортист!

Македонскиот олимписки комитет на официјална прес-конференција денеска го претстави македонскиот олимписки тим кој ќе ја претставува државава на престојниот Европски младински олимписки фестивал кој од 20 до 26 јули за првпат се одржува во Македонија. Европски огромен спортски настан кој за првпат се одржува во нашата земја.

На ЕМОФ 2025 ќе бидат присутни вкупно 50 делегации, 49 земји и плус една делегација под олимписко знаме. А, Македонија ќе биде претставувана од делегација од вкупно 203 лица, од кои 181 спортист и 22 тренери.

„Дојде и денот за претставување на нашата делегација, нашиот олимписки тим. Ќе имаме огромен број спортисти во огромен број дисциплини. Тоа е највредното од овој фестивал, искуство за нашите деца кои ќе бидат во иднина и сениорски репрезентативци. Искуство кое ќе им помогне да израснат во врвни спортисти. Овие млади спортисти, избрани врз основа на нивните извонредни достигнувања и посветеност, се вистински амбасадори на македонскиот спорт и иднината на нашиот олимписки дух. Македонската младинска олимписка делегација е составена од најперспективните млади спортисти од различни спортови и спортски дисциплини, кои во изминатиот период напорно работеа и се подготвуваа за овој најголем Европски мулти-спортски настан во 2025 година. Нивното учество на ЕМОФ Скопје 2025 не само што е признание за нивниот труд, туку и можност да се натпреваруваат со врсници од цела Европа, да разменат искуства и да го почувствуваат вистинскиот олимписки дух“ – рече претседателот на МОК, Даниел Димевски, на претставувањето на македонскиот тим.

Од МОК ги повикаа и сите љубители на спортот од земјава да им дадат поддршка на младите македонски спортисти на престојните Европски младински олимписки игри во Скопје.

„Ве покануваме да им дадете поддршка на овие млади надежи и да помогнете во промоцијата на нивните достигнувања, бидејќи тие се инспирација за сите нас и гордост на нашата држава. Веруваме дека ќе се претставиме во добро светло“ – истакна Димевски.

Шефот на мисијата на македонската делегација, Цветанка Макаровски како и заменик-шефот на мисијата Владо Богоевски информираа дека ќе има повеќе од 4.300 спортисти и тренери во Македонија…

„Досега најголем број одиграни спортови на овие игри е 12, а кај нас оваа година ќе бидат застапени 15 спортови. Од нив 14 спортови ќе бидат во Македонија, а само гимнастиката ќе се одржува во Осијек. Македонија на сите досегашни фестивали најмногу имала 50 спортисти, а сега имаме делегација од 203 спортисти и тренери, од кои 181 спортист и 22 тренери. Создаваме приказна за оваа и за следните генерации затоа што ваков настан уште долго ќе нема кај нас“ – рече Богоевски, на кого се дополни и Макаровска.

„Чест и задоволство ми е да бидам шеф на мисија на оваа делегација. Ова се навистина голем број млади лица кои треба да научат како е да се биде дел од европскиот спортски крем, за да бидат уште поподготвени за идните настапи на олимписките игри“ – рече Макаровска.

Се вчитува...