Македонската кошаркарска репрезентација стигна и до четвртата победа во претквалификациите за Евробаскетот 2025 откако во драматичен натпревар и по дополнителни пет минути славеше со 74-71 над Данска. Реализацијата од 36 отсто за два и 27 отсто за три, не беше во полза на избраниците на Александар Јончевски на денешниот натпревар, но Македонија повторно беше на ниво во одбраната, а за разлика од првиот меѓусебен меч кога го имавме неверојатниот Ненад Димитријевиќ, овој пат херој на Македонија беше Ти-Џеј Шортс.
Данците преку добрата одбрана со која не дозволија обиди од изградеми позиции успеаја да го наметнат својот ритам на отварањето на натпреварот. Нашите изгубени топки донесоа лесни поени за гостите кои беа и расположени во реализацијата зад линијата 6,75 па поведоа со 9-17. Македонија одговори подобро во одбраната до крајот на првата четвртина, но не успеа да го најде напаѓачот ритам па успеа само да ја намали негативата на 14-20. Скандинавците продолжија добро да го штитат рекет, продолжија и со високата реализација во нападот па стигнаа до двоцифрена предност (14-25). Како што одминуваа минутите ‘црвено-жолтите’ успеаја да ги консолидираат редовите, со агресивната одбрана го сопреа нападот на Данците, Стојановски и Шортс одговорија во нападот, но и покрај тоа што негативата во еден момент беше и само еден напад, на крајот на првото полувреме Македонија мораше да се задоволи со 32-37.
Отварањето на второто полувреме целосно беше во знакот на Македонија. Избраниците на Јончевски успеаја да го сопрат противникот во нападот, а во елемент влезе Шортс. Нашите репрезентативци експресно ја намалија негативата, имаа „минус“ еден (39-40) и неколку обиди за превземање на водството, но откако не успеаја во нив следеше казна. Расположени кај Данците беа Јукиќ и Арис, а проследни со нашите промашени зицери Данците ја вратија високата предност (45-54) која Мекиќ со звукот на сирената ја убалжи на 48-54 пред одлучувачката четвртина. Во неа Македонија продолжи да брка негатива, но Данците умешно одолеаја на нашиот налет, а тројката на Јукиќ на три и пол минути до крајот донесе предност од 52-60. Сепак тајм-атутот на Јончевск го промени ритамот, неспортската лична грешка на Бонде дојде во вистински момент, а Шортс и Магдевски предводеа серија од 7-0 за 59-60 и неизвесност која траеше до последните моменти од регуларниот дел од мечот. Шортс на 14. секунди пред крајот реализираше за изнедначување (64-64), а Данска имаше три обиди за победа од кои еден зицер кој центарот Зохор не успеа да го реализира.
Во дополнителните пет минути продолжи неизвесноста, а прекршокот на линијата за три поени му донесе три слободни фрлања на Шортс на 27. секунди пред крајот. Новиот Македонец ги реализираше истите за предност од 72-70, а за разлика од него, Зохор немаше мирна рака на спротивната страна. Последните поени на средбата повторно му припаднаа на Шортс за многу значајна победа.
Со 33 поени и 6 асистенции лидер на Македонија беше Шортс, додека него го следеше Ѓуроски со 11 поени и 6 скока. Како двоцифрен со 10 поени мечот го заврши и Стојановски. Прво име кај Данците беше Дарбо со 21 поен, 10 асистнеции и 7 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА