Македонија ЃП бара воведување на ВАР во Првата лига

Екипата на Македонија ЃП побара од ФФМ да воведе ВАР технологија од првата лига. Ваквото барање од страна на „лавовите“ доаѓа по вчерашниот пораз од Тиквеш од 4-0, во кој ѓорчепетровци сметаа дека два гола се нерегуларни.

Станува збор за првиот погодок, каде што е сомнително дали има прекршок над Пецов, како и третиот погодок кој е од пенал, односно сомнителен е досудениот пенал наводно по играњето со рака на Пецов.

„ФК Македонија ЃП јавно бара од ФФМ воведување на ВАР!!

ВАР е веќе нормална пракса за сите држави од регионот – Грција, Бугарија, Албанија, Босна, Косово (косовска прва и втора лига).
Јавната судиска анализа на одиграните (отсудените) натпревари во Македонија не му носи ништо добро на македонскиот фудбал, а тимовите остануваат оштетени.

Нашето барање е јавно и пред сите љубители на фудбалот. Многу натпревари во лигата завршуваат со жалби за кои нема разрешница, па фер судењето се доведува во прашање!

Грешките се човечки и се случуваат, но само кога се исклучок, а не правило на секое коло. Живееме во тешко време на голема финансиска криза, па ваквите порази тешко се поднесуваат.
Честитки за ГФК Тиквеш на победата, срдечниот пречек на Лозарите и претседателот на клубот, Миле Масларков“, се вели во соопштението на Македонија ЃП. 

Се вчитува...