Македонската ракометна репрезентација ќе ја има честа да ја отвори групната фаза во Минхен од претстојниот ракометен мундијал што во јануари ќе се одржува во Германија и во Данска.
Нашиот национален тим се наоѓа во групата Б заедно со Шпанија, Хрватска, Исланд, Бахраин и Јапонија, а по промената на системот на натпреварување на светските шампионати пласман во следната рунда обезбедуваат најдобрите три, наместо досегашните четири селекции од секоја група.
Организаторот денеска ги објави и точните термини, па така Македонија ќе стартува на 11 јануари со дуелот со Јапонија во 15.30 часот, по што ќе следи и „дербито на колото“ меѓу Исланд и Хрватска.
Нашите ракометари потоа ќе имаат еден ден одмор, па на 13 јануари ќе се сретнат со Бахраин, повторно прв меч од програмата што ќе стартува во 14 часот. За 14 јануари е закажан мечот со Хрватска во 18 часот, на 16 јануари во 20.30часот ќе излеземе на мегдан со силната Шпанија, а мечот што според првичните прогнози ќе биде клучен, оној со Исланд во последното коло, е закажан за 17 јануари со почеток во 18 часот.
Целокуниот распоред на натпревари за групната фаза од СП 2019 можете да го проследите на ОВОЈ ЛИНК .
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА