Во драматичен и до крај неизвесен натпревар, македонската младинска репрезентација одигра нерешено против Португалија (21-21) во вториот натпревар од квалификациите за СП 2017 (У21). Со овој резултат македонските младинци, но и Португалците остануваат во игра за првото место во групата која носи пласман на мундијалот. И двете репрезентации имаат по три бода по првите натпревари, а патникот на СП во Алжир ќе биде познат по утрешното последно коло во групата.
Македонските ракометари добро го почнаа натпреварот и одржуваа предност во првите петанесетина минути од натпреварот. Но не успеаја да го одржат овој ритам. Кон средината на полувремето имаше пад во играта и серија грешки на „црвено-жолтите“ кои брзо беа казнети од Португалците. Македонија не ја искористи предноста кога Португалија имаше двајца исклучени играчи, а Португалците со играч помалку постигнаа два гола, изедначија на 6-6, а потоа направија серија и поведоа со 6-9. Лошата серија на македонскиот состав конечно ја прекина Давор Палевски во 21.минута намалувајќи на 7-9.
Селекторот Илија Темелковски реагираше со измена на голманската позиција на која Даниловски го замени Томовски, но ни тој не успеа да го сопре противникот. Македонските ракометари премногу грешеа, промашија неколку зицери и го разбранија Густаво Каптевил и одново не успеаја да ја искроистат предноста со играч повеќе. А сето тоа резултираше со највисоки +5 за Португалија на крајот од првиот дел (9-14).
Второто полувреме почна со два гола во серија на Македонија (11-14). Португалците пет минути беа без погодок, но сепак успеаваа да го одбранат водството. Македонските ракометари се приближат на 14-16 по осум минути игра во вториот дел што го натера португалскиот селектор да побара тајм-аут. Но, тоа не ја прекина серијата на „црвено-жолтите“, па капитенот Филип Талески намали на гол разлика (15-16). Сепак, во играта на македонската репрезентација во овој дел од мечот, немаше доволно сигурност ни прецизност за комплетен пресврт. Португалците успаја да се вратат во ритам и повторно се одлепија на +3 поведувајќи со 16-19 на стартот од последната четвртина.
Неколку исфорсирани и избрзани шутеви на македонските ракометари и уште неколку сигурни одбрани на Каптевил ја одржуваа Португалија во позитива. Талески уште еднаш ја презеде одговорноста и во 49.минута повторно намали на гол разлика (18-19). Томовски одбрани, а Велковски со проектил по средината на голот изедначи на 19-19 во 50.минута од натпреварот. Мартин Томовски беше клучниот играч во македонскиот состав во драматичниот финиш. Голманот на македонската репрезентацијабеше несовладлив на голот, одбрани неколку тешки удари и еден седмерец, Талески погоди за јопво водство на Македонија на 20-19, а Горан Крстески кој настапи со повреда на мускулот успеа да зголеми на 21-19 на четири минути до крај.
На неполни две минути пред крај, Томовски одново брилјираше на голот, се отвори шанса за контра и за водство на Македонија со +2, но Палевски ја погоди стативата, а Португалците казнија на спротивната страна и во драматичниот финиш се изборија за реми со конечните 21-21. Тоа ја одложи разврската во групата во која победникот и учесникот на СП во Алжир ќе биде решен во последното коло.
Мартин Томовски со 11 одбрани од кои осум во вториот дел беше централна фигура во македонскиот состав. Најефикасен беше капитенот Филип Талески со шест гола, по три постигнаа Мартин Велковски и Давор Палевски.Во последниот натпревар од овие квалификации за СП 2017, утре македонската репрезентација ќе игра против Турција која е последна во групата со два порази во првите два натпревари, а Португалија ќе има многу потешка задача против Полска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА