Ракометната Федерација на Македонија свесна за своите организациски способности тргнува во нов сериозен предизвик – да добие улога на домаќин на едно сениорско Европско првенство во машка конкуренција. По неколкуте одлично организирани првенства во младинските категории, РФМ сериозно ја разгледува опцијата и за сениорски шампионат.
ЕКИПА дознава дека иако досега првичен интерес се искажуваше за женските шампионати, куќата на ракометот сега погледите ги насочува кон машките континентални ракометни собири. Македонија не би била самата домаќин на ЕП, туку би поднела заедничка кандидатура заедно со Ракометната Федерација на Словенија.
Двете куќи на ракометот сметаат дека со заеднички сили можат да состават доволно силно лоби за да ја добијат довербата на ЕХФ предводен од Михаел Видерер, а единствената дилема е дали кандидатурата ќе се однесува на ЕП 2022 или пак за ЕП 2024 година. РФМ испрати до ЕХФ писма со намера за добивање на организација на двата шампионати, но претседателот Мукаетов и Генералниот Секретар Милошевски се свесни дека до тоа многу полесно ќе се дојде со „партнер во организацијата“. Токму поради тоа, како што дознаваме, веќе е постигнат договор со Словенија за заедничка кандидатура!
Словенците се подготвени за тој предизвик, па наскоро ќе бидат познати повеќе детали околу организацијата и заедничката кандидатура што ќе биде поднесена во соодветните термини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА