Македонската одбојкарска репрезентација и во третиот свој обид не успеа да стигне до златото во Европската лига, овој пат во финалето во Копенхаген губејќи од Украина со 3-1.
Одбојкарите на Македонија по исцрпувачкиот меч во полуфиналето против Данска, очигледно немаа доволно сила за парирање овој пат на расположените Украинци кои славеа со 25-15, 25-22, 24-26 и 25-13.
Уште од самиот почеток на мечот беше јасно видливо дека одбојкарите на Украина се цврсто решени да стигнат до триумфот и трофејот во Европската лига. Веќе на стартот од првиот сет наметнаа агресивен ритам кој им донесе брза предност од четири поени која до крајот на сетот само ја зголемуваа за конечни 25-15.
Во вториот сет, сосема слично, стигнаа до брза предност од 6-3. Во продолжението почнавме да играме подобро во одбраната на поените па се стигна до 21-20 негатива во еден момент, но тоа беше се од македонските „спартанци“. Украинците го добија и овој сет.
Сепак, дека македонските одбојкари не планираат предвремено предавање покажаа во третиот сет. На идентичен начин Украина се впушти и во третиот сет, веднаш преземајќи ја контролата на резултатот дури и со четири поени предност. Но, во втората половина од сетот успеавме да ја анулираме предноста па да стигнеме и до 23-23 за неизвесна завршница. Потоа во поен по поен на двете страни, победничкиот за нас од 24-26 го донесе, кој друг ако не, Никола Ѓоргиев.
Но, тоа беше се од нашите „спартанци“. Во четвртиот сет Украина многу брзо дојде до предност од 8-5, а потоа само одржуваше ритам стигнувајќи и до 19-9, за да на крај се сведе на убедливи 25-13 во четвртиот сет и конечна победа од 3-1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА