Македонија игра атомски напад: Дури 23 дадени гола за едно полувреме против Израел

Македонија има предност од 23-19 по првото полувреме на мечот со Израел, вториот дуел што нашите ракометари го играат како дел од „Кроација купот“. Избраниците на Кире Лазаров играат атомски во нападот, лесно наоѓајќи решение за одбранбената зона на противникот. Сепак, по оние 40 примени гола од Хрватска синоќа, вечерва повторно сме сведоци на послаба игра во дефанзива, за што доволен доказ се 19-те примени погодоци од Израел за 30 минути игра.

Натпреварот почна со загубена топка на Израелците, по што Манасков рутински погоди од контранапад за водство на Македонија од 1-0. Стартните минути минаа во знакот на нашата национална селекција, откако „црвено-жолтите“ преку Павле Атанасијевиќ поведоа со 3-1, а нешто подоцна со првиот гол на Јагуриновски стигнавме и до „плус три“ (7-4). Во првите осум минути Македонија веќе имаше постигнато осум погодоци (8-5 со пеналот на Манасков), а само за момент имавме мал пад во концентрацијата во нападот што противникот го искористи за да намали од 10-6 на 10-8.

Томи Јагуриновски постигна два гола во низа, прецизен од сопствениот шестерец беше и голманот Томовски, па предноста набрзина се врати на „плус четири“ (13-9). Одбраната почна да функционира, па дури и во ситуација кога исклучен беше Манасков, Македонија заигра одлично и предводена од Серафимов (два гола и еден изнуден пенал) поведе со 17-11, принудувајќи го израелскиот селектор Драган Ѓукиќ на тајмаут.

Веднаш по тајмаутот следеше нова израелска грешка што Георгиевски ја претвори во гол за 18-11. Израелците намалија на 19-14, по што Лазаров побара тајмаут и ги врати во игра Кузманоски и Пешевски, а за прв пат на мечот шанса доби и Иван Џонов. Манасков од пенал го постигна својот шести гол на мечот за водство од 20-14, но проблемите во нападот се продлабочија и противникот се приближи на 20-16. Краткиот пост без постигнат гол на Македонија го прекина Филип Кузмановски со гол од девет метри.

На одмор се замина со предност на Македонија од  23-19, со седмиот погодок на Манасков, уште едно полувреме по кое селекторот може да биде задоволен од нападот, но никако и од играта во одбрана на „црвено-жолтите“.

Се вчитува...