ЕКИПА во Љубљана,
Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски
СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 1-3 (24-26, 28-30, 25-19, 24-26)
Одбојкарската репрезентација на Македонија оствари фантастичен триумф над домаќинот Словенија со 3-1 во сетови и направи голем чекор напред кон осминафиналето на Европското првенство. Ова е втора победа за македонскиот национален тим на ЕП и сега останува да се надеваме на добра разврска на останатите мечеви во групата, пред се Турција да победи против Белорусија, а потоа и против Финска.
Македонските одбојкари одлично го стартуваа мечот, поведоа со 6-1, а ниту тајмаутот на словенечкиот селектор не го поремети нашиот ритам. Продолживме со водство од 9-4, а предноста не се стопи се до 23-18. Но, потоа Словенците нанижаа пет последовни поени и израмнија на 23-23. Неизвесноста сепак не ги поремети македонските репрезентативци, Никола Ѓоргиев беше одличен во завршницата и на крајот го комплетиравме првиот сет со 26-24.
Словенците тргнаа подобро во вториот сет, имаа водство од 14-11, зголемија и на 17-13, но Македонија се врати во игра и израмни на 22-22. На сервис на Никола Ѓоргиев дојдовме и до предност од 24-22, а Александар Љафтов не успеа да го комплетира сетот со смеч при втората сет топка. Македонските одбојкари имаа уште седум сет топки, и конечно Љафтов дојде на „поправен“ и со фантастичен финиш заокружи на 30-28. Нашиот национален тим поведе со 2-0 во сетови.
Словенечкиот селектор Алберто Џулијани реагираше и на почетокот на третиот сет го внесе во игра и најдобриот одбојкар, Тине Урнаут. Домаќинот поведе со 8-6, меѓутоа со серија од четири поени на сервис на Деспотовски, Македонија дојде до 8-10. Сепак, Словенците додадоа гас, нанижаа серија од пет поени во финишот на сетот и го освоија комфорно, со 25-19.
Четвртиот сет повторно донесе голема борба и резултатска нишалка. Словенците поведоа со 8-5, Македонија стигна до 9-9. Домаќинот повторно се одлепи (14-10), а со блокот на Владо Милев нашата селекција израмни на 15-15. Драмата продолжи,
Словенија имаше водство од 24-21, а потоа на неверојатен начин, со пет последовни поени Македонија направи пресврт и го комплетираше сетот, а и мечот, за триумф од 3-1 во сетови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА