Македонија има 14 активни судии со знакот на ФИФА

ПИШУВА МИОДРАГ МИЦКОВИЌ

Најголемо признание доби Ива Пројковска која годинава е во елитната група од 20 најдобри европски судии. Македонија секогаш имала одлични фудбалски судии, како во поранешна Југославија така и откако нашата држава стана самостојна, со знакот на ФИФА кои, речиси и да нема држава во Европа каде што не суделе на квалификационите натпревари за настап на светското или европско првенство, Лига на Нации, во Лигата на европските шампиони, Лига на Европа, во Конференциската, новоформирана лига.

Постарите љубители на фудбалот се уште се сеќаваат на судиските легенди од Македонија кои ги судеа најтешките натпревари во Првата лига на поранешна Југославија, на интернационалците Петар Костовски, Томе Манојловски, Трајче Маџовски, Гоце Попев и Стојан Илиевски, оние пак најстарите и на првиот судија од Македонија со знакот на ФИФА, Борче Неделковски кој има судено на 55 меѓународни натпревари како главен и 52 како помошен судија.

Во тоа време и подоцна главните судии може да бидат и помошни. Веднаш до него беше и Трајан Ивановски, исто така со знакот на ФИФА. Сигурно не се заборавени и тогашни сојузни судии од Македонија во поранешна Југославија почнувајќи од постарата генерација предводена од Драгомир Анчевски, Пане Иванов, Ѓоко Симоновски, Петрит Баута па до помладите Симеон Дуковски, Бошко Ангелковски, Стрезо Трпковски, Пане Иванов, Ѓоко Цветковски, Слободан Јовиќ, Гоце Попов, Ацо Мировски, Јордан Мицковски, Крсте Крстевски, Боро Мадиќ, Ристо Темелков.

Но да се вратиме како е денес, колку судии од Македонија се наоѓаат на главната и помошна листа судии со знакот на ФИФА. На главната листа имаме 5 судии, од кои и две судијки кои судат на натпреварите во женска конкуренција во Европа . Во првата група на најуспешните европски арбитри се наоѓа Александар Ставрев, во моментот сигурно нашиот најдобар судија. Со знакот на ФИФА се уште Дејан Јакимовски и Игор Стојчевски, кој минатата година дебитираше на меѓународната сцена, додека Јакимовски извесно време паузираше поради повреда. Сега и двајцата од третата се префрлени во втората група на меѓународни судии.
Најмногу напредуваше Ива Пројковска, која од годинава се наоѓа во елитната група на 20 најдобрите судии во Европа во женска конкуренција. Како главен судија со знакот на ФИФА е и прилепчанката Ирена Велевачкоска. Кога сме кај Пројковска да спомнеме дека со Ставрев поседуваат и сертификат за ВАР судија. Со Ива Пројковска е поврзан уште еден интересен податок. Од сите наши судии таа има судено на двата шпански фудбалски гиганти, на мечот Барселона – Ајндховен и Реал – Карков /Украина/. На Барселона уште и има судено и Ставрев на средбата Барселона-Викторија Плзен. Да не заборавиме дека Македонија има и тројца ФУТСАЛ судии со знакот на ФИФА: Јосип Бартон, Марјан Младеновски и Доне Ристовски.

На помошната листа на судии со знакот на ФИФА се наоѓаат девет имиња: Дејан Костадинов, Лика Куштрим, Слаѓан Марковски, Дејан Неделкоски, Гоце Петрески и Даниел Василевски во машка и Елена Соклевска – Илиевска, Вјолца Изеири и Билјана Миланова кај жените.

Да потсетиме дека Фудбалската федерација на Македонија покрај судии има и двајца контролори на меѓународна листа. Тоа се мошне почитуваните од страна на Судискиот комитет на ФИФА Емил Божиновски, нашиот поранешен најдобар судија и од минатата година Димитар Мечкаровски. Списокот ќе го завршиме со генералниот секретар на ФФМ Филип Поповски, потоа со менаџерот за фудбал Жаре Игњатовски кои цела мината сезона беа организациони директори на натпреварите на Милан и украинскиот клуб Зарја, потоа со Роберт Марковиќ кој се грижеше за безбедноста на повеќе меѓународни натпревари и со Васко Дојчиновски кој е единствен делегат од Македонија на средбите на УЕФА и ФИФА. И тоа е тоа, чета мала ама одбрана, како што се вели и мошне почитувана во органите на Меѓународната фудбалска федерација.

Веруваме дека читателите на „Екипа “ ќе ги интересира кои беа судии со знакот на ФИФА во овие изминати 30 години откако Македонија стана самостојна и кои поради старосна граница не можат повеќе да судат. Први на листата на главни судии со знакот на ФИФА беа Ванчо Коцев, Крсте Данаиловски и Саше Лазаревски. Потоа Емил Божиновски кој од сите нив најмногу напредуваше и беше во првата група на европски судии. На тој список се уште и Димитар Мечкаровски, Горан Спирковски, Делчо Јакимовски и Весна Спиркоска. Знакот на ФИФА требаше да го добие и Ѓоко Стојановски, но тешката повреда го одалечи од судењето.

На помошна листа како асистенти судии беа: Марјан Кировски, Тони Глигоров, Мијалче Михајлов, Никола Караколев, Тоде Тиковски, Кирил Негриевски, Иса Емрула, Илија Давчев, Петре Кодовски, Игор Ширилов , Душко Милошевски, Миле Стојчевски, Никола Богоевски, Љубомир Крстевски ,Зоран Николовски, Златко Неделкоски, Беким Баута, Бранко Манојловски, Томе Блажевски, Зоран Јосифов и Ангел Бунгуров кој подоцна беше и единствен контролор од Македонија.

Се вчитува...