ЕКИПА во Рим,
Никола Станикевски
Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва од 20.45 часот на „Олимпико“ ќе и гостува на Италија во натпревар од 7. коло во квалификациите за пласман на Европското првенство кое следното лето ќе се игра во Германија.
Судбината повторно доведе до тоа нашата репрезентација да биде таа што ќе може да им ги расипе сметките и да им го замрси патот кон ЕВРО 2024 година.
Сепак, од нашиот табор велат дека секој нов натпревар е нова приказна и дека овој вечерва на „Олимпико“ во Рим нема да има никаква врска со претходните.
„Кога работиш како спортски работник секогаш очекуваш успешна работа. Не се менува ништо и во овој случај, бидејќи не сме дојдени како туристи и затоа очекувам да дадеме се од себе и да стигнеме до позитивен резултат. Многу пати кажувам дека секој меч е посебна приказна. Ниту еден натпревар не наликува на претходниот или на тој по него. Мечот кој не очекува вечерва е сам по себе посебен и носи убавина, а секако и тежина, но ние сме тука да дадеме сето тоа што е најквалитетно од нас за да го продолжиме тоа што го започнавме во септември и октомври. Во фаза сме на создавање млад тим кој ќе биде конкурентен во следните четири до пет години. Ние имаме своја цел иако немаме резултатски императив, но кога играте за својата држава мора да го дадете максимумот и да извлечете најдобро од себе. Не очекува меч против топ 3 репрезентации во светот не само во Европа, но ние покажавме дека можеме да бидеме конкурентни“, вели селекторот Милевски.
Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Енис Барди вели дека ова е нов натпревар и очекува различен меч од сите претходно.
„Најпрво морам да кажам дека тоа што беше на минатите натпревари веќе е историја. Тие мечеви ќе ни помогнат само да ги поправиме грешките што ги направивме. Очекувам денеска се да биде различно, бидејќи е нов натпревар. Подготвени сме за утрешниот натпревар и не треба да кажам дека сме мотивирани, бидејќи самото тоа што сме во репрезентацијата е голема мотивација. Имаме нови фудбалери и вакви мечеви се добар предизвик за во иднина да бидеме уште подобри“, вели Барди.
Елиф Елмас пред мечот вели дека иако притисокот е на страна на Италија, него и соиграчите тоа не ги интересира.
„Очекувам добра атмосфера со силна репрезентација. Во Рим има голем број навивачи и се надевам дека ќе покажеме добар натпревар. За противникот не се плашиме од никого и се надевам дека ќе стигнеме до поволен разултат. Иако ова е многу важен натпревар за Италија ние си гледаме за себе и тука сме да одиграме за нас. Без разлика на која страна ќе биде притисокот ние ќе гледаме за себе, бидејќи едноставно не не интересира тоа. Ќе се обидеме да одиграме како што кажува селекторот и да одиграме најдобро што знаеме“, изјави Елмас.
Македонија на овој меч нема да го има херојот од Палермо, Александар Трајковски кој поради повреда отпадна од комбинација за настап. Мечот меѓу Италија и Македонија кој ќе се игра на „Олимпико“ во Рим ќе се игра вечерва со почеток во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА