Македонија има светла тренерска иднина: Никола Василев ги поместува границите во Литванија

Никола Василев веќе пет години собира искуство во една од најкошаркарските држави, Литванија. Откако неколку сезони помина на асистентското место во Ритас, оваа сезона Македонецот е на чело на Џукија, тим со кој има одлични резултати во Првата литванска лига.

Според краткиот ростер и незвучните имиња во истиот, тимот кој што е формиран во 2012 година оваа сезона се сметаше за „фенерџија“, но брзо ги надмина сите очекувања. Македонскиот стратег и неговиот состав веќе еднаш успеаја да го земат скалпот на тимот кој се натпреварува во Еврокупот, Лиеткабелис, во последното коло повторно беа во добра позиција против овој противник, но загубија по продолженија, а против Џукија се намачи и гигантот Ритас.

Џукија во моментот се наоѓа на осмото место на табелата со скор од 7-14 и е на добар пат да избори место во разигрувањето, па Македонецот се најде во вниманието на литванските медиуми. Говорејќи за basketnews.lt, Василев не го криеше задоволството од прикажаното на паркетот.

„Многу сум задоволен од моменталната позиција на табелата, но сеуште имаме место за напредок и работиме напорно за да го достигнеме и следното ниво. Секогаш има критичари и професионалци кои предвидуваат нешто, но ние не веруваме во тие работи и се трудиме да се фокусираме на работа. Секогаш се трудам да го извлечам максимумот од моите играчи и добро знам кои се нивните можности. Се подготвуваме натпревар за натпревар. Знам дека сме потценети, но ние сме професионалци. Имаме голем спортски гнев и него го одразуваме со многу напор, а резултатите говорат сами за себе“ – изјави Василев.

Пандемијата на коронавирус не ја заобиколи ниту Џукија. Тимот беше приморен во два наврати да помине низ карантин-процес, а Македонецот извади интересна анегдота поврзана со професионализмост на кошаркарите во Литванија.

„Беше навистина тешко бидејќи не можевме да имаме комплетен тренинг, не можевме да тренираме во сала и го изгубивме натпреварувачкиот ритам. Но и покрај тоа што тимот беше во карантин, трениравме во целосен капацитет, два пати на ден. Го направивме ова преку апликацијата „Зум“, играчите работеа на физичката припрема со тренерот, одржуваа континуитет и по карантинот изненадувачки брзо фативме ритам“ – додава македонскиот стратег.

Василев е и асистент на селекторот Тодоров во македонската репрезентација па јасно е дека ова одлично искуство во Литванија добро ќе и дојде и на Македонија. Покрај тоа од таборот на МЗТ Скопје најавуваат македонски стратег со искуство и во иднина, па нема да зачуди доколку 38-годишникот го видиме на „жешкото столче“ во Скопје.

Се вчитува...