Македонија има тројца главни и шест помошни лиценцирани ВАР судии

Фудбалската федерација на Македонија го зголеми бројот на лиценцирани ВАР меѓународни судии кои ќе можат да судат на сите натпревари во Европските лиги, на големи меѓународни турнири, квалификации за светско и европско првенство. На последниот семинар што во текот на изминатите неколку дена се одржа во познатиот фудбалски центар во Стара Пазова во Србија успешно го положија и се здобија со ВАР лиценца Игор Стојчевски и Јован Качевски како главни и Иван Путилин, Куштрим Лика, Дејан Василевски и Слаѓан Марковски, како асистенти на судии.

Претходно лиценца на ВАР судија ја има нашиот најдобар судија Александар Ставрев како и асистентите судии Гоце Петрески и Дејан Костадиновски.

Од нашите претставници во комисиите на УЕФА за второто квалификационо коло во Конференциската лига е ангажиран комесарот за безбедност и интегритет Роберт Марковиќ кој на 27 јули ќе се грижи за безбедноста на мечот меѓу хрватскиот претставник Осиек и унгарскиот клуб Залегерсеги.

М.М.

Се вчитува...