Македонија ќе добие самостојна анти-допинг агенција по примерот на останатите европски земји, беше соопштено на Конференцијата за борба против допингот, организирана од Агенција за млади и спорт а на која свои искуства разменија врвните експерти во анти-допинг областа, професорите д-р Зоран Ханџиски, д-р Ели Ханџиска и д-р Илија Стоилов кои ги предочија последиците од користењето допинг во спортот.
Во Македонија досега постоеше само Комисија за анти-допинг, која е составен дел од Агенцијата за млади и спорт. Со формирање на самостојна агенција сега ќе се испочитуваат правилата на светската анти допинг организација (WADA) и ќе се овозможи комплетна независност во работењето.
Независната анти допинг агенција ќе биде силна контрола, која ќе придонесе во борба против допингот во спортот и ќе ја намали фреквенцијата на допинг супстанци и останати забранети допинг средства и методи.
„Допингот е недозволив и е причина за крај на кариерите на многу врвни спортисти. Допингот во спортот е забранет од етички но и од медицински причини, има последици по здравјето и по иднината на спортот. Допингот спречува фер игра и поттикнува несоодветно натпреварување и неправилна конкуренција. На спортистот му е потребен добар тренинг, здрав живот и посветеност. Секој внес на недозволени супстанци во своето тело се граничи со измама за реалната подготвеност на телото. Едукацијата во анти допинг областа потребно е да се реализира од најмала возраст на спортисти, но и за деца кои рекреативно се занимаат со спорт“ – беше истакнато на денешната конференција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА