Македонија против Ерменија во второто коло во Лигата на Нации на УЕФА. Македонија која во пресметка влегува со разочарувачки резултат од Торшавн, и Ерменија која покажа сила против Летонија во првото коло од ова издание на натпреварувањето.
А, избраниците на Благоја Милевски ќе мора да покажат сосема ново лице од она во Торшавн, за да ја победат Ерменија, која според селекторот е главен конкурент за првото место во групата. Затоа вечерва друг избор нема, се освен победа ќе значи и голема предност за Ерменците во ова издание на Лигата на Нации, затоа што потоа во октовмри следува и гостување кај Ерменија, а претходно и гостување во Летонија.
Секоја победа за првото место во групата ќе биде значајна за македонскиот национален тим. Меѓутоа од она што се виде во Торшавн, се чини беше премалку од овој состав на „црвено-жолтите“. Затоа јавноста вечерва очекува многу подобро издание, многу повеќе борба и секако победа. Се друго ќе биде само дополнително разнишување на националниот тим, и зголемување на критиките кои ги имаше после првото коло и дуелот со Фарските Острови.
А, селекторот Благоја Милевски расположен, верува во репрезентативците и во победа. Тој кажа дека играчите се подготвени за овој нов предизвик, со надеж дека овојпат реализацијата ќе биде подобра.
„Секако дека ментално не е сменето ништо, познавајќи ги моите фудбалери тие се подготвени за секој нов предизвик. Разочарани сме од резултатот со Фарски Острови, но дуелите меѓу Македонија и Ерменија ќе одлучат кој ќе биде прв во оваа група. Зад нас се Фарски Острови и сите мисли се на Ерменија. Сето тоа што беше на теренот на Фарски Острови и доминацијата која ја имавме докажа дека бевме подобри. Единствено проблем ни беше реализација“, рече Милевски.
Селекторот напомена дека се разговара и на ментален план играчите да бидат добро подготвени за овој предизвик.
„Фудбалерите според мене тие што се на овој собир се најдобрите во моментов. Секогаш кој и да е од нив, кога настапува за Македонија дава и повеќе од својот максимум. Никогаш не била значајна неговата клупска форма со перформансот кој го дава во репрезентација. Секогаш го гледам индивидуалниот потенцијал на секој репрезентативец и по тоа гледам кого ќе викнам и кој ќе настапува. Разговараме на ментален план да се подготвиме најдобро. Македонија секогаш кога била под притисок дека мора, била на нивото, барем јас додека сум селектор во последните 10 години. Сите мечеви кои одлучувале за нешто, овие момци знаеле да се носат со притисокот“, изјави Милевски.
Голманот Столе Димитриевски кажа дека е важно селекцијата да победи.
„Јас како заменик капитен сум фокусиран и максимално подготвен да го одработам мечот со Еремнија. Во оваа ситуација најважно е утре да победиме за да имаме големи шанси за прво место а потоа се друго да коментираме. Во овој момент и за мене и за моите соиграчи најбитно е денеска да победиме“, изјави Димитриевски.
Мечот почнува во 20:45 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.
ЛИГА НА НАЦИИ, ГРУПА Ц4
ДВОЈКИ:
Скопје: МАКЕДОНИЈА – ЕРМЕНИЈА 20:45 ч.
Рига: Ф. ОСТРОВИ – ЛЕТОНИЈА 18:00 ч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА