Машката ракометна репрезентација на Македонија по првото полувреме води против Романија со 15-10, во првиот натпревар од баражот за СП 2019 што го игра во одлична атмосфера пред полни трибини во СЦ „Борис Трајковски“.
Романците го имаа почетното водство од 0-2, но потоа следуваше фантастична серија на Македонија од 8-0 и водство од 8-2 по првите 15 минути. Во овие моменти одличен на голот на македонската репрезентација беше Борко Ристовски со шест одбрани, што донесе дополнителна сигурност во играта.
Чави Пасквал почна со „7 на 6“ во нападот, но по неефикасната серија во која неговата репрезентација 13 минути остана без погодок, се откажа од нападот со играч повеќе. Тајм-аутот на Пасквал и неколкуте одбрани во серија на Попеску, ги вратија Романците во игра. Серијата грешки во македонскиот табор им отвори шанса на гостите да намалат на 9-6 на десет минути пред крај на првиот дел.
По сигурната и рационална игра во првите петанаесетина минути, во втората четвртина падна концентрацијата и ефикасноста на макеоднските ракометари. Серијата грешки и промашувања им овозможи на Романците да држат чекор и резултатски приклучок.
Кире Лазаров го предводи нападот на македонската репрезентација со пет гола во првите 30 минути, а Борко Ристовски со осум одбрани е клучен во одбраната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА