Македонија на два меча од Мундијал: Неопходно седум од овие 10 селекции да бидат меѓу двете најдобри во групите од квалификациите!

Со завршувањето на Лигата на нации 2024 и дефинитивно е јасно како Македонија може да се најде во баражот за пласман на Светското првенство 2026, вторпат едноподруго кога е во прашање мундијалскиот пат.

За место во баражот на  Македонија ќе и биде неопходно само седум од следните 10 репрезентации кои се пред нас на финалната табела на победници во Лигата на нации по соодветните дивизии: Шпанија, Германија, Португалија, Франција, Англија, Норвешка, Велс, Чешка, Романија и Шведска, да бидат меѓу двете првопласирани во своите групи во регуларните квалификации за СП 2026 кои стартуваат од март следната година.

А, ако се погледнат имињата на репрезентациите сосема е јасно дека седум од овие наведени десет европски фудбалски селекции и тоа како се со огромни шанси да завршат на една од првите две позиции во своите квалификациски групи. Во тој случај, Македонија и дефинитивно ќе биде една од четирите репрезентации кои од Лигата на нации ќе обезбеди бараж за пласман на СП 2026.

Како што е познато, вкупно 16 репрезентации од Европа ќе се натпреваруваат на Мундијалот 2026, три повеќе отколку на претходното Светско првенство во 2022 година. Од нив 12 првопласирани од квалификациите директно одат на СП, а 12 второпласирани, заедно со четири селекции од Лигата на нации, ќе играат баражи за место на најголемиот светски собир. Европските квалификации треба да почнат во март 2025 година и да завршат со плејофот во март 2026 година.

Ждрепката за квалификациските групи е закажана за 13 декември, во Цирих, кога репрезентациите ќе бидат поделени во 12 групи по четири или пет селекции. Македонија, со оглед на тоа што обезбеди директно место во Б-дивизијата од Лигата на нациите, ќе биде во група со пет репрезентации.

Македонската селекција првпат во својата историја пред ждрепката ќе биде во третиот квалитативен шешир, што значи дека во групата ќе има две послаборангирани репрезентации од себе.

Репрезентациите извлечени во групи со по пет селекции ќе почнат со квалификациите во март следната година, а тие во групи со по четири ќе почнат да играат во септември. Сите мечеви во групите завршуваат во ноември следната година.

Се вчитува...