„Македонија на ЕП е исто како да пуштите Волксфаген Буба во Ф1 – симпатично ама деградирачки“

Иако речиси цела фудбалска Европа го одбележува историскиот пласман на Македонија на Европското првенство следната година, издвојувајќи ја како најубава приказна од овој ноемвриски прозорец, сепак не мислат сите така.

Еден од највлијателните белгиски новинари, Питер Ванденбемпт е разочаран што УЕФА дозволила, како што вели, селекции од рангот на Македонија да бидат дел од европскиот крем.

Според него, квалификацискиот пат на Македонија до ЕП не е некој воодушевувачки туку напротив измислен со сила за лесно некој да се најде меѓу најдобрите, поради што ја критикува УЕФА.

„Истражував што всушност требаше да направат Македонците за да дојдат до ЕП. Во Д-лигата беа први во група со Ерменија, Гибралтар и Лихтенштај, па потоа играа уште еден натпревар со Косово и на крајот со Грузија во натпревар кој го реши Горан Пандев, човек навистина со голема кариера, но кој има замислете 37 години. Па, сега видете кој и како се пласира на ЕП. Земји како Северна Ирска или сега Македонија, на пример. Тоа може од еден аспект да ви е симпатично, но од друг аспект деградирачки за шампионатот затоа што прашање е колку се ‘зрели’ за големо натпреварување. Од овие земји не може нешто многу да научите за фудбалот. Тоа е како Волксфаген Буба да пуштите да се трка во Формула 1… Зошто? Затоа што Бубата била симпатична и ќе привлекува навивачи. Таков е случајот и со Македонија на ЕП. Сепак, мора да се има некаков стандард. Ако Македонија успее да си обезбеди пласман преку оној регуларен пат на квалификации, во ред. Но, ова со Лигата на нации е навистина смешно“ – вели Питер Ванденбемпт.

Како и да е, и размислувањата на дел од европската фудбалска јавност околу начинот на пласман на ЕП за, условно кажано, помалите репрезентации, носи само дополнителен мотив за македонските репрезентативци и на собирот кој не чека во јуни следната година да потврдат зошто се меѓу најдобрите на Стариот континент.

Се вчитува...