Претстојното Европско првенство во Хрватска за македонската ракометна репрезентација ќе биде вкупно петто, четврто во серија. На европската сцена „црвено-жолтите“ дебитираа на ЕП 1998 што се играше во Мерано/Болцано во Италија. Потоа следуваше 14-годишна пауза и конечно, враќање меѓу европската ракометна елита на ЕП 2012 во Србија. Оттогаш досега, Македонија во континуитет е дел од континенталните шампионати.
Токму на ЕП 2012, македонските ракометари го постигнаа најголемиот успех освојувајќи го 5.место, пласман што не успеаја да го повторат на наредните две европски шампионати – ЕП 2014 во Данска и ЕП 2016 во Полска. Следен предизвик е ЕП 2018 во Хрватска.
Во продолжение ги издвојуваме најбитните моменти на четирите досегашни настапи на македонската репрезентација на европските шампионати и предизвикот на петтиот континентален шампионат.
ЕП 1998 (Италија) – Пепи Манасков во лидерска улога
Во својот деби настап на ЕП 1998 во Италија, македонската репрезентација го освои 12 место. „Црвено-жолтите“ тогаш ги предводеше легендата македонскиот ракомет, Пепи Манасков, а во репрезентативниот состав беа и Стевче Алушовски, Данило Брестовац, Александар Јовиќ, Бранислав Ангеловски, Шандор Ходик, Иван Марковски, Томче Петрески, Боро Чурлевски…
Во првиот натпревар на ЕП, Македонија загуби од Унгарија (20-29). Настапот на првото ЕП во историјата на македонскиот ракомет заврши со четири порази и со едно реми против Русија (26-26).
Ова е единственото големо натпреварување на македонската репрезентација во изминатите 20 години (четири СП и пет ЕП) на кое нема играно сегашниот капитен Кирил Лазаров. Во тој состав предност на десната бековска позиција добир натурализираниот македонски репрезентативец, Душан Новокмет наместо тогаш 18-годишниот Лазаров кој подоцна израсна во лидер и долгогодишен капитен на националниот состав.
ЕП 2012 (Србија) – Историски пласман и рекорд на Лазаров
Деценија и пол потоа Македонија ја немаше на големите ракометни натпреварувања. Конечно, лошиот период заврши во 2012 година.
Настапот на Македонија на ЕП 2012 во Србија ќе остане запаметен како еден од најголемите успеси во историјата на македонскиот спорт. Македонската репрезентација со Звонко Шундовски на клупата го освои историското 5.место, а Кирил Лазаров стана најдобар стрелец и нов рекордер на европските шампионати со 61 гол. Македонија го доби новиот Манасков во националниот дрес – Дејан Манасков дебитираше во сениорскиот состав. А, македонската репрезентација имаше необичен тандем на лево крило – најстариот репрезентативец Стевче Алушовски и најмладиот Дејан Манасков.
Ќе се памети ова првенство по фантастичната атмосфера и илјадниците македонски навивачи во Ниш и во Белград, по оној гол на Данска „еден во милион“ и несреќниот пораз што не чинеше полуфинале.
Македонија во прелиминарната фаза во Ниш отвори со реми против Шведска (26-26), загуби минимално од Германија (23-24) и ја победи Чешка (27-21). Македонската еуфорија од Ниш се пресели во главната фаза во Белград. Дојде оној „верувале или не“ пораз од Данска (32-33) која потоа стана европски шампион. Враќање и победа против Полска (27-25), а потоа и против Србија (22-19), борба за 5.место и триумф против Словенија (28-27), последен во меѓусебните дуели на овие две репрезентации кои повторно ќе бидат на мегдан и в сабота на стартот на ЕП во Хрватска. Петтото место на ЕП на Македонија и донесе пласман во олимписките квалификации за ОИ 2012 во Лондон. Но, неколку месеци подоцна, Македонија не успеа да ја помине групата во Гетеборг.
ЕП 2014 (Данска) – Пасошите и бурите ги засенија резултатите
На ЕП 2014 во Данска, две години по историскиот пласман во Србија, македонската репрезентација не успеа да го повтори успехот и падна на 10.место. Хрватот Ивица Обрван го наследи Звонко Шундовски на клупата. Непосрено пред ЕП, македонски пасоши добија Ренато Вугринец и Немања Прибак. На првенството во Данска настапи само Прибак, а Вугринец не доби дозвола од ЕХФ. Наместо планираното засилување, „пасошите“ ја нарушија хемијата што ја имаше македонскиот национален тим две години претходно на ЕП во Србија. А сето тоа ескалираше со изјавата на револт на Бранислав Ангеловски за која подоцна искусниот репрезентативец беше суспендиран.
На првенството што се чекаше што побрзо да заврши, Македонија загуби од Данска (21-29), одигра нерешено со Чешка (24-24) и ја победи Австрија (22-21) за пласман во втората фаза во која следуваа три порази по ред – прво од Унгарија (25-31), потоа од Исланд (27-29) и на крај катастрофа од Шпанија (22-33).
ЕП 2016 (Полска) – Првенство без победа и голем бод со Србија
Македонија ги задржа континуитетот, духовите во репрезентацијата се смирија, но пласманот на нашата најдобра селекција не „мрдна“ погоре ни две години подоцна на ЕП 2016 во Полска. Во Краков, Македонија на крај заврши на 11.место, со игра подобра од резултатите.
Стартот против Франција донесе очекуван пораз (30-23), но и неочекувано силен отпор и атрактивна игра на македонскиот состав против актуелниот светски и олимписки шампион. Само еден гол ја делеше Македонија од бод против домаќинот Полска (23-24). А, во последниот „да се биде или не“ меч во групата против Србија, голот на Дејан Манасков на три секунди пред крај донесе реми (27-27) и пласман во следната фаза.
Настапите „топло-ладно“ продолжија и во главната фаза. Следуваше разочарувачки пораз од Хрватска (24-34) и потоа херојско реми со Норвешка (31-31) во мечот од кој ни зависеа новите олимписки квалификации. За крај во Краков дојде неочекуван пораз од аутсајдерот Белорусија (29-30).
Македонија ова првенство го заврши без ниедна победа, со две нерешни средби и четири порази. Обрван стана првиот селектор што ја предводел македонската репрезентација на две европски првенства. Филип Кузмановски во својот прв настап за сениорската репрезентација му даде гол на Омејер и беше еден од најдобрите дебитанти на првенството. Македонија по втор пат обезбеди место во олимписките квалификации за ОИ 2016 во Рио. Но, и во Гдањск остана неостварен олимпискиот сон, како и претходно во Гетеборг.
ЕП 2018 (Хрватска) – Со „ел команданте“ во нов поход
Претстојното ЕП во Хрватска за македнската репрезентација ќе биде четврто во серија. Од последниот настап во Полска до овој во Хрватска на македонската клупа се сменија тројца селектори. На местото на Обрван дојде Лино Червар, со долгорочни планови, но со краток век на траење. За неполна година, Червар ја остави Македонија на сред квалификации и се врати во Хрватска, а на македонската клупа седна Раул Гонзалес. „Македонскиот“ Шпанец што го однесе Вардар до титула во Лигата на шампионите, внесе нов стил на игра и ја прави разликата во македонската репрезентација за ова ЕП во Хрватска. „Ел команданте“ ги врати „отпишаните“, направи спој на искуство и младост, врзано со добра тактичка подготовка и позитивна енергија.
Прв тест за Македонија во нов стил ќе биде натпреварот со Словенија, а потоа и дуелите со Црна Гора и со Германија во кои ќе се бара шанса за место во главната фаза на ЕП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА