Македонија на Европско, секогаш добро звучи – ракометарките го живеат својот сон на ЕП 2022

Македонија на Европско. Го дочекавме тоа за прв пат од фудбалерите, а по десет години пауза, дочекавме да ги видиме повторно и ракометарките како дел од кремот на европскиот ракомет. Десет години траеше отсуството на Македонија од големите натпреварувања во женскиот ракомет по оние три убедливи порази во Ниш, кои не болеа толку многу колку очигледноста дека овој спорт тоне забрзано … и ни се случи она неизбежното – потона во амбис од кој една деценија подоцна почна да излегува.

Долгиот слободен пад во македонскиот женски ракомет конечно е запрен, а новиот проект под водство на селекторот Савевски делува ветувачки. Младите селекции играат допадлив ракомет, а и резултатите се далеку подобри од оние од пред неколку години. Квалитетот на игра се крева преку натпревари со ривали од поголемо реноме и квалитет, нешто што и младите и сениорската селекција го имаа во последните неколку години, па и напредокот во нивната игра е очигледен.

Нема лажење, ракометот што го играат нашите девојки не е на нивото на нивните ривали во Скопје (Франција, Холандија и Романија), но една од најголемите убавини во спортот е што надежта умира последна, а чудата се составен дел од него. А кога на тоа ќе се додадат трибините исполнети со македонски навивачи, јасно е дека СЦ „Борис Трајковски“ ќе биде место за спортски спектакл денеска, на 7 и на 9 ноември.

Она што е најважно во моментов – Македонија на Европско, секогаш добро звучи, а ракометарките ја заслужуваат целосната поддршка во овие три натпревари во наредните пет дена. Нема сомнеж дека ќе возвратат како што најдобро знаат – оставајќи срце на терен за Македонија. Дури и доколку тоа не биде доволно за победа, никој не треба да се сомнева дека искуството ќе биде драгоцено за уште еден чекор напред, кревање на квалитетот и остварување на желбата Македонија никогаш повеќе да не чека по десет години за да биде дел од големите натпреварувања.

Се вчитува...