Македонските ракометари прават огромен успех со самиот континуитет од учества на големите натпреварувања, но јасна е желбата кај сите, како кај навивачите, така и кај репрезентативците и членовите на стручниот штаб, да се направи чекор напред и да се обезбеди пласман во следната фаза.
Овој јануари задачата е исклучително тешка, да се заврши во Топ 2 крај Данска, Португалија и Романија, а најсериозниот предизвик нашите ракометари ќе го имаат веќе на стартот, со домашен дуел против Данска, која е апсолутен фаворит не само во групата, туку и севкупно за златото на овој шампионат.
Премиерните натпревари секогаш се незгодни за самите ракометари, влогот е огромен, a историјата вели дека на досегашните осум европски шампионати на кои Македонија учествувала, нашите ракометари имаат скор од две победи, едно реми и пет порази.
Премиерата на европските првенства Македонија ја имаше на ЕП 1998 во Италија, каде на дебито на големите натпреварувања нашиот национален тим загуби со 29-20 од селекцијата на Унгарија. Единственото реми на отворањата го имавме пред точно 10 години, кога во Ниш се сретнавме со Шведска и по голема битка ремизиравме 26-26.
Во 2014 година во Хернинг во првото коло Македонија играше со домаќинот Данска, каде скандинавската селекција триумфираше со убедливи 29-21. На ЕП 2016 во Краков на стартот се сретнавме со големиот фаворит Франција, цели 50 минути достојно им париравме на „триколорите“, но падот на концентрацијата во финишот придонесе да се претрпи пораз од убедливи 30-23.
Првата победа на премиерните дуели на европските шампионати македонските ракометари ја забележаа на ЕП 2018 во Загреб, кога по голема битка ја совладаа Словенија предводена од Веселин Вујовиќ со 25-24. Супердраматично беше и на последното Европско првенство и групата што ја игравме во Виена. За ривал ја имавме Украина, а до триумф стигнавме со голот што во последната секунда го постигна Кире Лазаров.
Две години подоцна, на ЕП 2022 во Дебрецин загубивме од Словенија со 27-25 во меч во кој одлично му париравме на фаворитот ако се знае дека непосредно пред почетокот на шампионатот се повреди нашиот капитен Кире Лазаров.
Во јануари 2024 ја имавме честа да играме ракометен дуел на фудбалски стадион, излеговме на терен против моќната Франција на „Меркур Шпил Арена“ во Дизелдорф пред 50.000 фанови. За жал, Французите демонстрираа моќ и славеа со убедливи 39-29.
Ждрепката е немилосрдна, па повторно за ривал во првото коло ја имаме најдобрата селекција во групата, во случајов Данска, која ќе игра во сопствениот ракометен храм, „Јиске Банк Боксен“ арената во Хернинг пред 15.000 навивачи (бројка од која мал дел ќе и припадне и на нашата „фаланга“ која секаде ги бодри ракометарите).
МАКЕДОНИЈА НА ПРВИТЕ СРЕДБИ ОД ЕП
ЕП 1998: Унгарија – Македонија 29-20
ЕП 2012: Македонија – Шведска 26-26
ЕП 2014: Македонија – Данска 21-29
ЕП 2016: Македонија – Франција 23-30
ЕП 2018: Македонија – Словенија 25-24
ЕП 2020: Македонија – Украина 26-25
ЕП 2022: Словенија – Македонија 27–25
ЕП 2024: Франција – Македонија 39-29
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

