Македонија на првите мечеви на СП: Десет години без неуспех, па сега два пораза во низа…

Првиот натпревар секогаш е меѓу најзначајните на големите натпреварувања, а историјата вели дека Македонија во последно време не минува најдобро на премиерите на овие натпреварувања. Имено, „црвено-жолтите“ десет години не знаеја за пораз на првите мундијалски средби, но серијата беше прекината во 2021 година во Египет.

Мундијалската историја на ракометна Македонија почна во 1999 година, кога „црвено-жолтите“ дебитираа на едно СП на собирот во Египет. Во првото коло на 2 јуни се сретнаа со Саудиска Арабија и триумфираа со 28-21, победникот решавајќи го уште во првото полувреме (16-11). Тоа беше воедно и единствен триумф на Македонија во групната фаза од СП 1999, бидејќи по тој меч следеа порази од Германија, Куба, Бразил и од Египет.

Десет години се чекаше на следниот настап на Македонија на еден ракометен Мундијал, за на првиот натпревар во Хрватска да излеземе на мегдан со Тунис. Мечот беше максимално неизвесен, Кире Лазаров постигна девет погодоци, но и тоа беше недоволно за да се избегне минимален пораз од 24-25.

На СП 2013 бевме дел од групата што се играше во Севилја, а за ривал во првото коло го добивме Чиле. Се очекуваше лесна победа, „црвено-жолтите“ одиграа под вообичаеното ниво, но на крајот сепак триумфираа со 30-28, меч во кој најдобар стрелец беше Кире Лазаров со осум погодоци.

Две години подоцна собирот на ракометната елита беше во Катар, а Македонија во првото коло се сретна со Тунис. Во арената имаше две илјади противнички навивачи, но одличната тактика на Ивица Обрван и максималната мотивираност на играчите придонесе „црвено-жолтите“ да му одржат лекција на африканскиот состав, совладувајќи го со 33-25. Кире Лазаров беше најефикасен и на овој натпревар со десет погодоци.

На Мундијалот во 2017 што се играше во Франција (нашата група беше во Мец) повторно за прв ривал го имавме Тунис. Со Лино Червар на клупата, тактиката „седум на шест“ се покажа како добитна комбинација, па Македонија славеше со 34-30 (12 гола на Лазаров) и си ја отвори вратата кон следната фаза.

Во 2019 на мегдан на стартот бевме со уште една неевропска селекција, овојпат Јапонија, ривал што многу полесно од очекувањата го декласиравме со 38-29, меч на кој повторно блескаше Кире Лазаров со осум погодоци.

Успешната серија беше прекината на „корона мундијалот“ во Египет, на кој не отидовме максимално подготвени откако во „пет до дванаесет“ добивме вајлд карта на местото на Чешка, која не отпатува поради голем број на позитивни случаи на „Ковид 19“ во својот табор. Македонија беше предводена од Данило Брестовац на клупата, во првото коло налетавме на моќната Шведска, која одигра супериорно и заслужено триумфираше со 32-20 (полувреме 16-11).

Краков беше град домаќин на последното СП што нашата национална селекција го играше во 2023 година, а во првото коло игравме со фаворизираната Норвешка. Одбраната беше далеку од посакуваното ниво, примивме дури 39 гола и го завршивме тој дуел со убедлив пораз од 27-39.

Денеска повторно против себе имаме исклучително силен противник, јасно е дека Унгарија ја има фаворитската улога, но во најмала рака очекуваме борбеност во текот на 60 минути, срце на терен од почеток до крај, а доколку се укаже шанса, зошто да не и сензација.

Се вчитува...