Македонската кошаркарска репрезентација ќе мора да добие еден од следните два дуела против Русија или Италија доколку сака да остане во игра за пласман на Европското првенство пред дуелот со Естонија со оглед на тоа што Естониците денеска славеа над Италија со 101-105 по дополнителни пет минути и стигнаа до втората победа во нашата група.
Естонија одигра речиси перфектни три четвртини по кои имаше предност од 66–82 пред влезот на последните десет минути, но Италијанците не се предадоа, одиграа одлична последна четвртина на двете страни од паркетот во која постигнаа 28 поени, а примија само 12 со што се изборија за дополнители пет минути.
Во продолжението преку поените на Дрел, Естонците стигнаа до предност од 98-101 на 20 секунди пред крајот, Спису со тројка ги врати Италијанците на негатива од еден поен (101-102), a конечниот резултат го постави Дрел со погодок зад линијата 6,75 во звукот на сирената.
Прво име во редовите на Италија со 24 поени, 9 скока и 5 асистенции беше Микеле Витали, додека Малик Котсар ги предводеше Естонците со 32 поени и 4 скока.
Со оваа победа Естонија стигна до втората победата во нашата група, додека ова беше првиот пораз за Италијанците кои и покрај тоа остануваат на врвот на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА