ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Македонската ракометна репрезeнтација денеска на дуелот против Гвинеја (18 часот, Вараждин), ќе го игра својот единаесетти натпревари против ривал од Африка на светските шампионати. Досегашниот скор на нашиот национален тим е шест победи и четири порази, од кои по два пати имаме капитулирано во пресметките со Египет и со Тунис.
Премиерниот настап на едно големо натпреварување, на СП во Египет донесе и наш прв дуел со „фараоните“, при што африканската селекција рутински славеше со 30-24.
Во Вараждин на СП 2009 во Хрватска имаме одиграно два меча против ривали од Африка, првиот пораз од Тунис со минимални 24-25, а вториот убедлива победа над Алжир од 32-19.
На СП 2013 во Севилја немавме противник од „црниот континент, но затоа две години подоцна во Катар се сретнавме со Тунис и на отворањето ја преслушавме оваа селекција со 33-25. Кире Лазаров беше прв стрелец на овој дуел со десет гола, а по шест псотигнаа Манасков и Миркуловски.
Групната фаза од СП 2017 ја игравме во француски Мец, а селектор ни беше Лино Червар. Во првото коло се сретнавме со Тунис и со маестрална игра „седум на шест“ стигнавме до победа од 34-30. Кире Лазаров беше прв стрелец со 12 гола, пред Стоилов и Манасков со по седум. Неколку дена подоцна се сретнавме со Ангола, за лесна победа од 31-22 во која најефикасни беа Лазаров со 10 и Георгиевски со пет погодоци.
Мундијалот во Германија во 2019 година не донесе нашата пресметка со африкански ривал, а во 2021, на „корона-мундијалот“ повторно се сретнавме со Египет, и тоа повторно на теренот на оваа селекција. „Фараоните“ доминираа од почеток до крај, триумфирајќи со убедливи 38-19, наш најубедлив пораз од една африканска селекција во историјата.
Последните мечеви со ривали од Африка ги имавме пред две години, на „Президент купот“ на СП 2023 во Плоцк, Полска. Во првиот дуел лесно го декласиравме Алжир со 40-25 (најефикасни беа Пешевски и Манасков со по седум), во вториот загубивме од Тунис (осум гола на Кузмановски), за во последниот меч да славиме со 40-25 над Мароко (осум гола на Кузмановски, седум на Петар Атанасијевиќ, по шест на Костески и на Серафимов).
На ред е Гвинеја, идеална можност за седма победа на Македонија над ривал од Африка на ракометните мундијали.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

