Фудбалската репрезентација на Македонија денеска напладне ги очекува ривалите за новото натпреварување, Лигата на нации на УЕФА. Селекторот Игор Ангеловски и спортскиот директор на А-тимот, Саша Ќириќ, ќе бидат присутни на ждребот во Лозана, а „црвено-жолтите“ се носители во Групата Д, и ќе добијат противници кои се послабо рангирани на ФИФА – листата. Согласно тоа, иако има и неколку ’незгодни’ селекции, јасно е дека немаме некои претерани желби, ниту пак стравувања од можните ривали во ова натпреварување. Нашата цел е јасна, да се обидеме да оствариме пласман на Европското првенство 2020 година, преку оваа нова можност што ја нуди УЕФА.
Најдобрата репрезентација на Македонија е во групата на носители за првото издание на Лигата на нации. Новото натпреварување на УЕФА ќе се игра во термините предвидени за пријателски натпревари, а ќе учествуваат 55 репрезентации од Европа, поделени согласно коефициентот на УЕФА.
Нашиот најдобар национален тим ќе биде во првиот барабан со селекциите на Азербејџан, Белорусија и Грузија, кои не можат да ни бидат противници. Потенцијални ривали од вториот барабан се Ерменија, Летонија, Фарски Острови и Луксембург. Во третиот барабан се наоѓаат: Казахстан, Молдавија, Лихтенштајн и Малта. Во четвртиот барабан се сместени Андора, Косово, Сан Марино и Гибралтар.
Сите 55 учесници кои ќе бидат распределени во четири лиги. Четирите победници од секоја група во четирите лиги продолжуваат во плеј-оф каде ќе се борат за пласман на Европското првенство 2020 година.
Лига на нации започнува на 6. септември 2018 година, а групната фаза ќе трае до 20. ноември. Четири репрезентации преку новото натпреварување на УЕФА ќе се квалификуваат на ЕП 2020.
НАШИОТ ПАТ ОД ЛИГА Д ДО ЕП 2020:
- Победниците од секоја од четирите групи обезбедуваат место во полуфиналето
- Полуфиналните двојки ќе бидат одредени со ждрепка (еден полуфинален меч, а домаќинот ќе биде тој со подобар резултат од натпреварувањето по групи)
- Победниците од полуфиналињата се среќаваат во финалето (домаќинот ќе биде одреден со ждрепка)
- Победникот од финалето обезбедува пласман на ЕП 2020!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА