Македонската репрезентација, со одличниот јунски квалификациски дел за пласман на СП 2026, ја продолжи извонредната серија на непобедливост на официјални натпревари која трае од ноември 2023 година. Цели 19 месеци Македонија, под палката на Благоја Милевски, не знае за пораз на официјалните натпревари под капата на УЕФА.
Македонските репрезентативци го соборија рекордот на најдолга македонска серија без пораз на официјални квалификациски натпревари. Македонија сега има низа од цели 11 едноподруго натпревари без пораз на официјални дуели под капата на УЕФА (седум победи и тоа со: Ерменија (2), Летонија (2), Фарски острови, Лихтенштајн и Казахстан, и четири ремија со Англија (1-1), Фарски острови (1-1), Велс (1-1) и Белгија (1-1)). Последниот пораз на македонската репрезентација беше на 17 ноември 2023 година од Италија на гостувањето во Рим.
Со јунските два средби, македонскиот селектор Благоја Милевски, пак, дополнително се издвои на врвот од табелата, согласно резултатскиот ефект, како најуспешен македонски селектор во 30-годишното независно постоење на националниот тим!
Милевски, погледнувајќи го резултатскиот ефект на официјалните квалификациски дуели во рамките на натпреварувањата на УЕФА, по ремито со Белгија и победата над Казахстан, сега е со процентуална успешност од 59,1%, или од 33 официјални натпревари на кои ја водел Македонија завршил со 15 победи, 9 ремија и 9 порази. Зад него на листата е неговиот претходник Игор Ангеловски со 53,75% успешност, или од 40 натпревари завршувајќи со 18 победи, 7 ремија и 15 порази. Потоа следи Ѓоко Хаџиевски со 46,67% успешност, а според ефектот во Топ 7 се уште Слободан Сантрач, Џон Тошак, Среќко Катанец и Никола Илиевски – Џиџи.

Боби Милевски во мартовскиот собир оваа година, претходно по цели 30 години го собори и рекордот на Андон Дончевски на најдолга победничка серија на македонската репрезентација. Милевски го држи и тој рекорд од македонските селектор, со шест едноподруго победи по ред, и тоа првпат во историјата без примен гол, соборувајќи го дотогашниот рекорд на Дончевски кој на самите почетоци имаше четири едноподруго победи со националниот тим, но и сите четири на пријателски натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

