Најдобриот македонски каратист Емил Павлов, кој ќе настапи утре на последниот ден од натпреварувањето, е последната надеж за медал на Европските игри во Минск. Најдобриот спортист на Македонија предводен од најдобриот тренер за 2018 година Сашко Арсовски, ќе се обиде да испише уште една страница во блескавата спортска кариера.
Емил ќе настапи во категорија до 60 килограми во група со актуелниот шампион од претходните Европски игри, Ферзалиев од Азербејџан, светскиот шампион Италијанецот Креченцо и домашниот натпреварувач, Белорусинот Булатау. Без оглед на квалитетот на противниците и нивниот висок рејтинг, со константно добрата форма во изминатите пет години и по одлично одработените завршни подготовки во хотел „Гогов“ во Пехчево, сите ривали го вбројуваат Емил меѓу главните фаворити за медал.
Според пропозициите, најдобрите двајца од групата обезбедуваат пласман во полуфиналето, каде што ќе вкрстуваат со најдобрите двајца од втората група. Борбите во категоријата до 60 килограми ќе се одржат утре со почеток од 09:30 часот.
Освојувачот на четири европски сениорски медали и двоен европски шампион влезе во историјата на македонскиот олимпизам како прв носител на медал на Европските игри во Баку во 2015 година, на кои беше и прв знаменосец. Македонската спортска гордост и идолот на многубројни млади спортости е единствен македонски спортист кој настапува по вторпат на Европските игри со остварена норма, благодарение на бронзениот медал на Европското првенство во Гвадалахара, Шпанија кон крајот на март.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА