Македонија од утре домаќин на Европско првенство во пинг-понг

Македонија од утре па до 28. јануари во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ќе биде домаќин на Европското првенство за пингопонгари до 21 година.

Пингопонгарската федерација на Македонија ја доби на доверба оваа престижна организација на европски настан, кој ќе биде реализиран со поддршка и на Агенцијата за млади и спорт.

„Ова ќе биде прв ваков настан во Македонија по многу години организиран од помалите федерации. Пингпонгарската федерација покажа дека посветено работи, вложува во клубовите поради што искрено им се заблагодаруваме за вложениот труд и покажаните резултати. Ние како АМС стоиме зад секој проект на федерацијата. Ова што го прави пингпонгот е мотив плус и за другите федерации да почнат и тие да организираат големи натпревари. Секое учество на големо натпреварување е многу значајно за напредокот на самите спортисти“ – истакна директорот на АМС, Наумче Мојсовски на денешната прес-конференција.

На Европското првенство во Скопје своето присуство го потврдија повеќе од 120 пингпонгари од 31 европска земја. Од македонските пингпонгари на шампонатот ќе настапат Фани Јовановска, Изабела Ковачевска, Лука Стојчев и Александар Јакимовски.

„Во Македонија ќе биде присутно најдоброто од европскиот пинг-понг. Нашата држава ќе биде домаќин на еден убав спортски настан, организација која не е доделена случајно, туку е резултат на нашата посветена работа. Верувам дека во иднина ќе добиеме и организација на турнир во сениорска конкуренција“ – рече претседателот на Пингпонгарската федерација на Македонија, Горан Тиловски.

Се вчитува...