МАКЕДОНИЈА ОДБРОЈУВА ДО ЕП: Панчев, Станојковиќ и Кирил Дојчиновски – македонското име на Мундијалите!

Во очекување на најголемиот настан за македонскиот фудбал во историјата, првото учество на најдобрата национална репрезентација на Европско првенство, ЕКИПА издвојувајќи ги најзначајните фудбалери, личности и настани од нашата фудбалска историја, се до 11. јуни преку серијал-текстови како најава за тоа што ги очекува Горан Пандев и соиграчите на УЕФА Евро 2020!

=================================================================================================

Првпат во историјата македонската репрезентација ќе се појави на ЕВРО-шампионат под капата на УЕФА. Погледнувајќи наназад низ историјата, пак, мал е и бројот и на Македонци кои и во рамките на селекцијата од поранешната заедничка држава успеале да го почувствуваат духот на европското првенство. Единствениот Македонец кој како член на поранешна СФРЈ бил дел од едно европско првенство е голманот Благоја Видиниќ кој настапи за Југославија на ЕП 1960 во Франција.

A, тројца Македонци, пак, досега во историјата почувствувале настап на големо светско натпреварување, Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ на Светското првенство 1990 во Италија, како и Кирил Дојчиновски на Светското првенство 1974 година во Западна Германија.

ПАНЧЕВ: Пресреќни сме што сега Македонија ќе ја гледаме на ЕВРО 2020

Нескреини се сеќавањата и кај помладите фудбалски генерации за учеството на Панчев и Станојковиќ на собирот во Италија 1990 година. Тогаш во генерацијата на Драган Стојковиќ, Дејан Савичевиќ, Роберт Просинечки, браќата Зоран и Златко Вујовиќ, Баждаревиќ, Хаџибегиќ, Спасиќ, Вулиќ, Ивковиќ…, под водство на Ивица Осим се стигна до еден од најголемите успеси во историјата на поранешна Југославија, петтото место на Мундијалите.

„Учеството на Светско првенство без сомнение е сон на секој фудбалер. Навистина е незаборавен собир кој секогаш ја дополнува празнината во вашата кариера. Сепак, тоа е посебна магија која не се доживува преку клупските настапи. Мене ми е жал што не успеав да ја почуствувам таа магија и со селекцијата на мојата земја, но пресреќни сме сите што Македонија ќе ја гледаме на ЕВРО 2020“ – вели Дарко Панчев кој беше дел и од независните почетоци на македонската репрезентација.

Името на Дарко Панчев во секој случај ќе остане забележано и како првиот Македонец со постигнат гол на Мундијалите. Нашата “златна копачка” во Италија нанижа два погодоци на натпреварот со Обединетите арапски емирати при победата од 4:1.

„Добро, тоа се индивидуални достигнувања кои навистина се драги. За мене е задоволство затоа што уште тогаш се знаеше дека јас сум Македонец, па веројатно сето тоа уште тогаш значеше еден вид промоција за Македонија“ – истакнува Панчев.

Вујадин Станојковиќ, пак, тогаш како фудбалер на белградски Партизан беше незаменлив дел од репрезентацијата на Југославија под палката на Ивица Осим. Десната бековска позиција стандардадно беше резервирана за македонскиот фудбалер кој зад себе низ последните години на минатиот век запиша блескава кариера.

Дојчиновски дел од СП 1974 во Западна Германија

Паралелно со селекторското учество на Благоје Видиниќ на светскиот собир во 1974 година, една од најголемите македонски фудбалски легенди Кирил Дојчиновски, пак, е првиот Македонец кој како фудбалер бил дел од светските првенства.

На Мундијалот во 1974 година во Западна Германија, Дојчиновски тогаш како фудбалер на белградска Црвена Звезда остана забележан како првиот македонскиот фудбалер повикан во екс-југословенскиот состав. Поранешниот фудбалер на Вардар, а подоцна и на француските Тројс и ФЦ Париз, во периодот од 1970 до 1974 година беше стандарден член на селекцијата на Миљан Миљаниќ иако на Светското првенство во Западна Германија, тогаш во генерацијата на Драган Џајиќ, Јосип Каталински, Душан Бајевиќ, Илија Петковиќ, Ивица Шурјак, Бранко Облак, Јурица Јерковиќ, Станислав Караси…

„Светските првенства во тој период не го носеа изедначениот квалитет како што е денес поради тоа што селекциите од Африка, Азија, Средна и Северна Америка премногу заостануваа зад европскиот и јужноамериканскиот фудбалски квалитет. Но, токму во таа шареноликост можеби беше и убавината на Мундијалите наспроти континенталните првенства. Денес фудбалот е навистина квалитативно премногу изедначен“ – ќе рече претходно во минатото Кирил Дојчиновски.

Се вчитува...